Македонија оваа недела ќе го добие својот прв SaaStanak, а првичното запознавање со SaaS заедницата ќе биде преку воведен собир на компаниите кои работат на SaaS моделот во земјава.
Првиот македонски SaaStanak ќе се одржи во среда, 22 мај, во партнерство со Инфинум Македонија, односно во нивните простории од 18 часот, каде учесниците ќе имаат прилика да се запознаат и дружат со свои колеги ентузијасти. Сите заинтересирани може да се регистрираат на следниот линк.
Идејата на организаторите и модератори, Анастас П. Шули и Леонард Елдиќ е да се има еден полуструктуриран разговор каде преставници од разните SaaS компании ќе имаат отворен простор за презентирање на сопствената работа и работните практики.
Првиот SaaStanak ќе има претставници на компании како што се: Ivote, Hornetsecurity, EMIT Knowledge, Digital Office by Inbox, Vendor.mk, Semos Cloud, Modeliks, Biznis Mreza, SmartClick SEO, Aqtos, Native teams, TeamLift, Heyreach, Coach Microlearning и други.
Настанот ќе биде полуструктуиран, дозволувајќи простор и време на заедницата да формира свој дух. Многу SaaS компании и SaaS претприемачи во Македонија не се познаваат меѓусебно, па така првиот настан ќе биде идеален за воведување и поставување на првите камења за заедницата.
“Очекувам дека ќе ја искористиме приликата да се запознаеме и да поставиме насока за следните SaaS дружења. Драго ми е за пројавениот интерес од сите оние кои работат во индустријата,“ вели Анастас.
Заедницата и средбите немаат котизација и стриктно членство. Имаат само заеднички придобивки за компаниите кои ќе бидат дел од истата, како на пример:
- Афирмирање на брендот / работодавачот
- Споделување знаење и меѓусебно помагање
- Едукација на менаџерскиот тим и основачите
- Наоѓање на врсници и своја заедница
- Градење на персонални брендови на дел од тимот
Настанот ќе се состои од презентација на идеи и кратко вовед од Анастас и Леонард, основач на SaaStanak. Кратките запознавање со теренот на присутните ќе бидат проследени со пица и пиво.







