S.T.A.L.K.E.R.: Legends of the Zone Trilogy Enhanced Edition – Освежено искуство за PlayStation 5

Како долгогодишни фанови на серијалот S.T.A.L.K.E.R., имаме само позитивни зборови за овие FPS игри. Со задоволство се присетуваме на бројните одложувања и на моментот кога S.T.A.L.K.E.R.: Shadow of Chornobyl за првпат ја здогледа светлината на денот. Во 2007 година, оваа игра претставуваше вистинско технолошко чудо, вовлекувајќи нè длабоко во мистериите и опасностите на Зоната. Нејзината напната атмосфера, слободата на истражување во отворениот свет и впечатливите елементи на преживување веднаш ја освоија публиката, поставувајќи цврсти темели за иднината на серијалот.

Една година подоцна, во 2008-ма, пристигна S.T.A.L.K.E.R.: Clear Sky, кој ги продолжи настаните од Shadow of Chornobyl, фокусирајќи се на војните помеѓу фракциите и растечката нестабилност во Зоната. Иако Clear Sky не успеа целосно да ја достигне славата на својот претходник, третиот дел, S.T.A.L.K.E.R.: Call of Pripyat, објавен во 2009-та година, ги воодушеви фановите и привлече цела легија нови следбеници, пред сè благодарение на својот подобрениот гејмплеј и уште повпечатливата атмосфера.

Сега, оваа легендарна трилогија се враќа во подобрено издание насловено S.T.A.L.K.E.R.: Legends of the Zone Trilogy Enhanced Edition. Оваа надградена верзија се одликува со подобрени визуелни ефекти и оптимизации за конзолите од најновата генерација и PC, нудејќи им на новите играчи и на верните фанови шанса одново да се нурнат во опасниот и загадочен свет на зоната, но, по одредена цена.

Трилогијата беше издадена за PlayStation 4 и Xbox One во март 2024 година, со што за првпат пристигна на конзолите. Се поставува прашањето, кои се клучните разлики што доаѓаат со оваа „подобрено“ издание?

Едно од главните подобрувања во S.T.A.L.K.E.R.: Legends of the Zone Trilogy Enhanced Edition лежи во осветлувањето, со имплементација на ефекти како god rays, screen space reflections и global illumination. Овие технологии заедно создаваат побогато и повизуелно реалистично искуство, значително зголемувајќи го чувството на имерзија. Дополнително, текстурите се со повисока резолуција, а 3D-моделите на NPC ликовите, оружјата и околината се подетални, што придонесува за поголема визуелна острина и комплексност на светот на играта.

Програмерите посветиле внимание и на подобрување на шејдерите за вода и ефектите на влажност, како и на надградба на приказот на небото, што резултира со подинамичен и поуверлив свет. За подобра прегледност при борба, видното поле (FOV) за оружјата е зголемено. Вклучени се и претходно рендерирани меѓусекции во 4К резолуција. За PlayStation 5, покрај овие општи визуелни унапредувања, достапни се и неколку додатоци специфични за оваа конзола. Значајна новина е поддршката за тастатура и глушец, овозможувајќи им на играчите попрецизни контроли, слично на PC гејминг искуството. Интегрирана е и платформата Mod.io, која би требало да им олесни на играчите да пребаруваат, преземаат и инсталираат модови директно на своите конзоли.

Иако сме благодарни за овие подобрувања, би било нефер да не нагласиме дека во суштина станува збор за истите игри. Тоа не е нужно лошо, но доколку ѝ пристапувате на трилогијата со очекување за драстично модернизирано визуелно и гејмплеј искуство, може да останете разочарани.

S.T.A.L.K.E.R.: Legends of the Zone Trilogy Enhanced Edition за PlayStation 5 делува како солидна надградба што ги прави овие класични игри подостапни и визуелно попривлечни за конзолашите. Со подобрените визуелни ефекти, повеќето графички режими за прилагодување на перформансите, поддршката за тастатура и глушец, како и интеграцијата на Mod.io, ова издание би можело да ве заинтригира, особено ако долго време не сте им се навратиле на игрите и имате желба да ги доживеете на PS5.

Сепак, имајте на ум дека и покрај подобрувањата, основниот гејмплеј на S.T.A.L.K.E.R. останува исклучително предизвикувачки, па дури и немилосрден, што можеби нема да им одговара на сите играчи. Исто така, потенцијалната некомпатибилност со постоечките модови од оригиналните игри може да разочара дел од долгогодишните фанови. Згора на тоа, многу дијалози и елементи кои беа поврзани со руската политика и култура се целосно остранети, што направи дел од тврдокорните фанови да бидат значително разочарани. Но, доколку сите овие работи вам лично не ви пречат: добредојдовре во зоната, по трети пат!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments