Ако се точни цените на Ryzen процесорите од AMD кои протекоа, тогаш Intel навистина има причина да биде загрижен. Сметавме дека ако перформансите на процесорите се слични, а Ryzen е 30-40% поевтин тогаш AMD може да се надева на успех. Според цените кои се појавија на неколку дигитални продавници Ryzen e 70% поевтин од Intel i7-6900K, а двата процесори на тестовите на AMD имаа приближно исти перформанси.
Според протечениот ценовник кој го сподели Forbes, цените се: Ryzen 7 1800X е 490 долари; 1700X – 381 долари; и 1700 е 316 долари. Овие цени се според shopblt.com кои и претходно споделувале цени на AMD и досега се доверлив извор. Слични цени објави и британскиот портал Hexus кои ги споделија цените во Британија. А, според ценовникот на Ingram Micro цените во големопродажба се: Ryzen 7 1800X е 365 фунти; 1700X – 283 фунти; и на 1700 е 235 фунти. За жал, останува непознато колку ќе биде цената на процесорот во малопродажба.
Хајенд процесорот на Intel најверојатно нема да биде проблем за компанијата. Она што секако ќе биде проблем е што Ryzen е подобар и поевтин и од i5 и i7 процесорите кои се на средината од ценовната „скала“. Со оглед на тоа дека двете компании ги издаваат процесорите во временска разлика од 1 до 2 месеци, следните 12 месеци можат да бидат најуспешни за компанијата.

Image: AMD
AMD оваа недела сподели уште неколку податоци за новиот процесор, Ryzen ќе биде 10% помал од Sky Lake и ќе доаѓа со два пати повеќе кеш меморија. Компанијата и официјално го потврди постоењето на четиријадрен модел. Можеби помалку лоша вест за сите кои го користат Windows 7 е што по Kaby Lake, сега и Ryzen нема да ја поддржува оваа верзија на оперативниот систем. Секако ова не значи дека нема да може да користите Windows 7, но нема да има официјални драјвери.
До официјалното излегување на Ryzen има три недели, па тогаш ќе ја дознаеме официјалната цена. Можеби поважно, наскоро ќе може да видиме и независни бенчмарк тестови, па ќе процениме како ќе изгледа пазарот на процесори следниве 12 месеци. Она што без сомневање е точно е дека со нетрпение очекуваме вести за процесорите на AMD.