ROMEO IS A DEAD MAN: Хаотична симфонија на крв и вселенско-временски патувања

во гејминг

Grasshopper Manufacture Inc. е феноменално и впечатливо студио кое е предводено од ексцентричниот визионер Гоичи Суда, подобро познат под името Suda51. Основано уште во 1998 година, студиото изгради култна репутација благодарение на крајно неконвенционални наслови како Killer7, No More Heroes и, секако, Shadows of the Damned. Со најновиот наслов, ROMEO IS A DEAD MAN, студиото се враќа на голема врата, освојувајќи ги срцата со препознатливиот печат на ултра-насилна научна фантастика поплочана во една модерната ера.

ROMEO IS A DEAD MAN е игра која преповеда за авантурите на Ромео Старгејзер – човек кој, по низа откачени настани, се наоѓа во незавидна позиција помеѓу животот и смртта. Регрутиран како специјален агент за вселенско-временската полиција на FBI (да, добро прочитавте), вашата мисија е да ем да ги фатите сите криминалци кои го користат хаосот за своја корист, ем да ја пронајдете вашата исчезната девојка, Џулиет која може, а и не мора да ве сака сега откако имате нова, технолошки „поткована“ глава. Намерно апсурден, неповрзан хаос, приказната служи како совршена позадина за лудилото што следи, дозволувајќи ви да патувате низ различни димензии и да откриете дека исчезнувањето на Џулиет е многу потесно поврзано со уништувањето на универзумот отколку што првично изгледа. Глумата е солидна, а дијалозите се внимателно напишани, давајќи му на апсурдниот свет опиплива димензија.

Агресија наместо тактика

ROMEO IS A DEAD MAN се фокусира на брза промена помеѓу користење мечови и пиштоли. Ромео нема копче за блокирање или одбивање напади, при што сте принудени да сте во состојба на константна агресија. Еден од најинтересните системи е способноста за апсорбирање на непријателската крв. Имено, што повеќе сеете хаос и масакрирате, тоа повеќе се полни полни специјалниот напад на Ромео. Ваквата флуидност ви дозволува да се справувате со бранови и бранови од непријатели на крајно брутални, но неверојатно впечатливи начини. Како резултат, имате визуелен спектакл кој може драстично да ја промени ситуацијата во тешките битки.

Низ поглавјата се создаваат бројни можности за засилување и модифицирање на оружјата. Ваквото нешто е повеќе од неопходно, а и крајно добредојдено, особено кога ќе се соочите со креативно осмислените, предизвикувачките босови. Интересен и помалку конвенционален аспект е самиот систем за надградба кој не се изведува преку обично мени, туку со играње мини-игра. Имено, управувајќи со брод, се движите низ лавиринт и, на тој начин, ги отклучувате новите способности. Ова, претпоставувате, е меч со две острици и иако на некои сигурно ќе им се допадне ваквата инвентивност, за други е непотребна пауза од акцијата.

Потребно е да се спомене дека, сега за сега, играта страда од нестабилен фрејм рејт и потребен е одреден компромис во поглед на графичките опции доколку сакате непречено да поминете низ целата игра. Но, дури и на највисока графика, некои текстури изгледаат исклучително сиромашно, како да се директно извлечени од 2000-те години. Додека главните ликови изгледаат одлично, светот околу нив понекогаш делува како да е неколку генерации постар.

Доколку бевте фанови на претходните игри на оваа студио тогаш ќе се чувствувате како да сте дома со Romeo is a dead man. Додека борбите се одвиваат во стилизирана 3D околина, одредени сегменти, како што е вселенскиот брод, се претставени во шармантен ретро пикселизиран стил. Пријатно се изненадивме колку добро функционира овој драстичен контраст кој, придружен со енергичен саундтрак, создава атмосфера на нови и свежи начини, длабоко кокетирајќи со вашата потреба за носталгична реафирмација. 

Споменик на децениското искуство 

На крајот на краиштата, ROMEO IS A DEAD MAN е игра на екстреми. Уникатниот стил, одличната музика и забавната борба се доволно силни за да ги привлечат фановите на Suda51. Меѓутоа, техничките проблеми, репетитивноста и повремено лошиот дизајн на нивоата може благо да разочараат дел од гејмерите. За нас, ROMEO IS A DEAD MAN е игра која ве враќа во едно одамна-поминато време, време кога игрите не се срамеа да бидат гласни, хаотични и полни со карактер. Со неколку технички ажурирања, сигурни сме дека чедото на Grasshopper Manufacture Inc. ќе дозволи длабочината во борбениот систем и лудата презентација ем да ги задоволи децениските фанови ем да привлече легија нови. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk