0 коментари 4 мин. читање 24 февруари, 2023

Рецензија: Planet Cube: Edge

Super Meat Boy беше првиот таканаречен Precision Platformer кој не излуди со предизвикувачките мапи и потребата за внимателно планирање, огромна прецизност и темпирање на движењето. Исфрустрирани од константното убивање и немање желба за понатамошно мазохистичко мачење, долго време не пипнавме слични игри. Planet Cube: Edge мислевме дека ќе биде малку поразлична игра и не до тој степен предизвикувачка како Super Meat Boy. Од графички аспект и презентација, разликата е очигледна, но од поглед на нивото на предизвик и вештините кои се бараат, игриве се како близнаци.

Planet Cube: Edge почнува крајно едноставно. Играјќи како релативно несмасна коцка, потребно е првин да му побегнете на тенкот кој ве прогонува, а потоа и да го спасите светот, користејќи едноставни движења за патување од една до друга точка. Но, патот е исполнет со бројни замки и непредвидливи непријатели, при што бргу заклучувате дека авантурата воопшто нема да биде лесна. За среќа, вашиот арсенал од движења ќе биде проширен со можност за кратка телепортација, а и ќе добиете огнени експериментални оружја за поефикасна пресметка со непријателите и за активирање одредени направи.

Од тука натаму, Planet Cube: Edge се трансформира во еден хаотичен коктел од налудничаво трчање, скокање и телепортирање низ сино-зеленикава лепеза од рачно изработени мапи со ретро инспирирани анимации и ефекти. Бидете подготвени да умирате често затоа што мапите се апсолутно безмилосни и одредени патишта ќе ги поминувате одново и одново, дури и долго откако ќе ги запомните пречките. Без брзи рефлекси, тапкање во место е загарантирано. За среќа, времето од умирањето до повторно започнување е релативно брзо и ако по илјадити пат не успеете, можете да пробате одново. И одново! :) Убавината на ваквите игри е токму во предизвикот и константното пробување се додека не се надминете самите себеси.

Во Planet Cube: Edge на располагање имате осум преубави мапи полни со интересни, но површни ликови. Силната страна дефинитивно не е приказната и еднаш штом започне флуидноста на движењето нема да сакате да бидете деконцентрирани со ништо друго. Како дополнителна помош е музичката подлога која значително допринесува до зголемување на адреналинот и одлично се вклопува со движењата и напредувањето низ мапите. За уште поголем предизвик и разбивање на секоја можна монотонија, ќе се соочите и со четири уникатни босови кои дополнително ќе ги тестираат вашите способности.

Доколку одамна не сте ги тестирале вашите рефлекси во преубава околина со уникатна лепеза од движења и непредвидливи замки и непријатели, тогаш Planet Cube: Edge е игра која би требало да ја проверите. Моментно, на Steam има 42 рецензии од кои сите се позитивни. Какво ќе биде вашето искуство?

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top