0 коментари 5 мин. читање 16 март, 2023

Рецензија: Goblins of Elderstone

Иако бројот на игри кои симулираат управување со градови се зголемува, овој поджанр и понатаму таргетира поспецифична, а со тоа и помала група гејмери. Goblins of Elderstone е најновото инди остварување на оваа сцена, но дали успева да ја раздрма публиката со уникатни и забавни механики или пак ја заспива со здодевно и нефункционално управување?

Goblins of Elderstone започнува така што првин одбирате една од три приказни за потеклото на вашето племе од гоблини, а потоа и детално се запознавате со боговите на кои ќе им служите. Наредниот чекор е да одберете каква мапа да биде создадена, во поглед на големината и во поглед на процентуалната застапеност на клучните материјали. Последен чекот е создавање клан од гоблини и одбирање лидер.

Сите овие почетни прилагодувања се важни затоа што значително можат да ви помогнат низ играта. Имено, секој од боговите може да ве благослови со одредени способности, а секој од гоблините се одликува со одредени позитивни и негативни одбележја. Во зависност од тоа што ќе одберете, некои гоблини се добри за една работа, но катастрофално лоши за друга.

По одбирање на стратешки најдоброто место на шареноликата мапа, го поставувате вашиот селски центар и ги сведочите првите чекори на вашите селани. Пропратени од суптилно – релаксирачка музичка подлога, несигурно ќе започнете со градење други структури. Процедурата на собирање материјали и градењето е автоматизирано и по поставување на основата за структура, можете да се опуштите и да им дозволите на вашите гоблини самостојно да ја извршат вашата команда.

Секоја структура се истакнува и на визуелен и на фукционален план. Па така, одредени способности на структурите ви помагаат ефикасно да се шири вашето село и полесно да се справува со сите предизвици. Симпатичната графика и анимации, смирувачката музика и радосни звуци од петни жили се трудат да ве вовлечат во еден свет кој како да произлегол од бајките, но како поминува времето, како се шири селото и како растат желбите на селаните, така работите стануваат фрустирачки. Од оваа причина, исклучително важно е да знаете што и како градите, на кои позиции ги ставате структурите и како се справувате со ресурсите кои се наоѓаат околу вас. Одредени годишни времиња, како зима, бараат исполнување соодветни услови и имање доволно од потребните ресурси, како дрво за огрев.

Кога не сте фокусирани на собирање ресурси, градење и управување со вашиот клан, потребно е да се браните од најразлични чудовишта кои ќе налетаат на вашето село. Паралелно со ова, можете да ги испраќате вашите најхрабри селани да ја истражуваат околината, да пронаоѓаат други градови и да започнуваат трговија со нив, па дури и да напаѓаат и ограбуваат целосни региони.

За да ја привлечат добрата страна на боговите, гоблините можат и да истражуваат свети места кои ќе допринесат за зајакнување на верата. Ова е важен фактор за селаните бидејќи доколку вербата не е јака, боговите може да се налутат и да ве казнат. Од друга страна, доколку селаните не се среќни, може да решат да ве бојкотираат и да ви предизвикаат планина од други проблеми.

Како резултат, ќе се најдете себеси како постојано отворате едни исти прозорци, ги гледате процентуалните извештаи за бројните фактори и да осмислувате стратегии дали за дополнителни структури, дали за стапување во трговија или пак за напаѓање региони. Ова е и главната причина поради која би можеле да се поделат гејмерите. Имено, дел од гејмерите, охрабрени од релаксирачката атмосфера, би можеле да помислат дека ова е релативно лесна игра, но како поминува времето, така притисокот и фрустрациите од управување со бројни работи стануваат исклучително реални.

Иако гејмерите не се премногу импресионирани од играта, нешто што е очигледно од фактот дека има само 68% позитивни рецензии, Goblins of Elderstone сепак успева да го најде нејзиното место во сенката и да се истакне со одлично оптимизираниот графички енџин, релаксирачка музика и уникатни гејмплеј механики. Имајте во предвид дека не е лесно да се управува со еден клан од гоблини и потребно е често да се сопнувате низ играта за да конечно можете гордо да стоите над вашите потчинети.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top
{title}