Resonant Blade e акциона авантура која е сместена во дистописки научно-фантастичен свет. Играта се истакнува на уникатен начин благодарение на механиките поврзани со звукот. Имено, играта на Wise Wombat Games го става звукот во центарот на своите механики, создавајќи уникатно искуство кое ги предизвикува и вапиот ум и вашите рефлекси.

Приказната нè носи во Тера, свет чии градови некогаш биле заштитени со огромни био-куполи за да се заштитат од еколошки колапс. Меѓутоа, идилата завршува кога вештачката интелигенција се свртува против креаторите. Куполите стануваат кафези, а машините ја преземаат контролата, оставајќи го светот во хаос. Вие ја преземате улогата на Атлас, поранешен научник чиј дом е уништен во напад на бездушните слуги. Вооружен со резонантното сечило – експериментално оружје кое ја канализира звучната енергија во деструктивна сила – тој станува последната надеж на човештвото. Целта е да се открие вистината зад предавството на машините и да се стави крај на нивната закана.

Ресонантно сечило
Она што ја издвојува Resonant Blade од другите игри во жанрот е уникатната основна механика. Имено, борбата не се заснова само на брзо притискање на копчиња. Секој непријател има специфична резонантна фреквенција која мора да ја погодите со вашето сечило во вистинскиот момент за да нанесете штета. Ова додава слој на ритам и тајминг во борбата, претворајќи ја секоја пресметка во еден вид загатка. За брзо време ќе разберете дека играта, иако преубава, никако не е прошетка низ паркот и мора да сте спремни за бројни обиди доколку сакате да дојдете до крајот.

Покрај нападите, меѓутоа, резонантното сечило се користи и за решавање на одредени загатки. Па така, звучните бранови кои ги прави сечилото можат да активираат механизми, да откријат скриени патеки и да го менуваат опкружувањето. Благодарение на ваквите механики, играта се истакнува како пријатно задоволство, како за време на битките, така и за време на решавањето. Независно од тоа дали се борите или истражувате, играта се одликува со флуидни и брзи движења и можности за избегнување на напади. Како резултат, константно станувате опсипани со динамични настани полни со предизвик кој се заснова или на размислување или на брзи рефлекси.

Ретро естетика со модерна длабочина
Визуелно, Resonant Blade користи детален пиксел-арт стил кој потсетува на класиците од 16-битната ера, но со модерна флуидност и ефекти. Контрастот помеѓу некогаш прекрасните, а сега руинирани пејзажи во био-куполите, е одлично доловен. На слично мислење се доаѓа и во поглед на дизајнот на непријателите кои ве напаѓаат во различни форми и со серија од офанзивни елементи. Особено се за пофалба креативно осмислените босови. Некои од нив мајсторски ќе ви извадат душа.

Вистинската ѕвезда во играта е звучниот дизајн. Бидејќи звукот е централен елемент на гејмплејот, тој е изработен со неверојатно внимание. Секој удар, секоја резонантна фреквенција и секој звучен ефект има своја цел и придонесува за атмосферата. Музиката, на сличен начин, се истакнува како спој на електронски и амбиентални мелодии кои совршено го надополнуваат дистопискиот свет, резултирајќи со впечатлива и ретко видена имерзија.

Resonant Blade е амбициозен проект кој успешно комбинира елементи на акција, авантура и загатки во еден кохерентен и оригинален пакет. Со својата иновативна борбена механика базирана на звук, интригантна приказна и прекрасна аудио-визуелна презентација, играта нуди свежо и предизвикувачко искуство. За сите оние кои бараат нешто поразлично од стандардните акциони наслови, достапна е и демо верзија која ви овозможува да се уверите во уникатноста на оваа игра.











