Rebel Engine: Хибриден акционен модел и роботската револуција

во гејминг

Rebel Engine e амбициозен обид да се спојат два различни и интензивни жанрови, комбинирајќи ја стилизираната и ритмичка борба карактеристична за hack n’ slash насловите со суровата брзина и директност на FPS игрите од 90-тите години. Благодарение на ова, авторите се имаат создадено уникатен хибрид кој бара постојано движење и агресивност.

Сместена во дистописката метропола Ултима Сити, чедото на Seven Leaf Clover фрла светло врз мрачна иднина каде што корпорацијата Concrete воспоставила тоталитарна контрола врз роботите, наметнувајќи опресивни услови каде што сте принудени на вечно ропство во служба на компанијата.

Ваквата, солидно разработена приказна се користи за да ви сервира интензивното акционо искуство полно со адреналински моменти. Вие играте со Асимов, застарен градежен робот од најниските, најопасни индустриски сектори на кулата, кој, воден од длабока желба за одмазда против своите креатори и угнетувачи, започнува насилен поход кон врвот на корпоративната хиерархија.

Придружувани од Салвадор, вирусен ентитет кој му помага во неговата мисија, Асимов мора да се соочи со безбројни бранови на безбедносни дроиди и моќни чувари кои демнеат од секој кат. Поради оца, играта станува еден вид постојано вертикално искачување низ сè потешки предизвици, симболизирајќи го тешкиот пат до слободата преку уништување на воспоставениот поредок.

Rebel Engine се одликува со комплексен и динамичен борбен систем кој е дизајниран да го обесхрабри пасивниот пристап и наместо тоа да го награди континуираниот напад и креативното комбинирање на достапниот арсенал. Играта имплементира механизам каде што муницијата не се собира на традиционален начин, туку се обновува преку брзо менување на оружјата, принудувајчќи ве постојано да ротирате низ вашиот инвентар и да одржувате непрекинат тек на оган кон непријателите.

Огнените оружа се надополнети со широк спектар на алатки за блиска борба, вклучувајќи и градежна канџа, како и помоќни додатоци кои се движат од енергетски мечеви, преку моторни пили, па се до камшици. Мора да се напомене дека е исклучително забавно користењето на вашиот арсенал, давењето во различните анимации и гледањето како тактички предности функционираат во зависност од типот на непријателот.

Интересно е и тоа што користењето на самата опозиција е како еден вид оружје. Имено, можете да ја искористите вашата канџа за да зграпчите противник, привремено да го користите неговото огнено оружје, а потоа физички да го фрлите кон другите непријатели, предизвикувајќи масовна штета и создавајќи простор за маневрација во пренатрупаните арени.

Овој флуиден систем на борба кулминира со спектакуларни завршни потези, кои стануваат достапни преку успешно изведување на долги и стилски комбинации, овозможувајќи му на Асимов да ослободи разорни напади како џиновски ласери или плазма експлозии кои можат да стопат легија од непријатели во еден момент.

Совршенство во борбените механики

Покрај главната кампања, која ве води низ горе-споменатиот наратив поврзан со роботската револуција, Rebel Engine нуди и дополнителни режими дизајнирани да ја продолжат долговечноста на насловот и да ви овозможат плодна платформа за докажување на вашите вештини. Arena Mode, на пример, функционира како класичен тест на издржливост каде што се соочувате со сè потешки орди на непријатели, со цел да постигнете што повисок резултат преку одржување на комплексни комбинации и ефикасно елиминирање на заканите. Овој режим е директно поврзан со глобалните ранг-листи, поттикнувајќи и натпреварувачки дух меѓу заедницата.

Battle Lab, од друга страна, нуди контролирана средина за вежбање, каде што можете детално да ги анализирате слабостите на секој тип непријател и да експериментира со различни комбинации на оружја без притисок од вистинска борба. Визуелно и звучно, играта се стреми кон надополнување на нејзините ретро инспирации, користејќи брзи анимации и интензивна музичка подлога која го диктира темпото на акцијата.

Rebel Engine e наслов кој цели да ги задоволи сите оние кои уживаат во висороризична акција и кои се подготвени да инвестираат време во совладување на длабоките механички системи. Со одличен баланс на различните механички елементи и впечатлив дизајн на нивоата кои овозможуваат доволно простор за креативно изразување преку борбата, ќе наидете на непрекината акција и солидна основа за привлечно и незаборавно искуство.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments