Reality Clash е игра во проширена реалност која се игра во вистинскиот свет или барем во некоја негова алтернативна верзија. Играта е креирана од Reality Gaming Group, а на неа работи и мал тим од Битола. Тимот од Македонија е: Соња Ангелевска – Community Manager; Јове Стојчевски – веб дизајн; и Никола Мукоски – веб девелопер.
„Tимот од Битола работи на дизајн, изработка на веб страната и поддршка на сите социјални мрежи и поддршка на корисници. Искуството за нас беше нешто сосема ново, и навистина е чест да се биде дел од толку голем проект“, вели Соња Ангелевска.
За реализација на Reality Clash беа потребни 1.5 милиони долари, а играта за помалку од 1 месец доби инвестиции од 3.5 милиони долари. Инвестирањето оди преку Initial Coin Offering (ICO), преку Etherum Blockchain. Инвеститорите ќе добијат и ингејм валута Reality Clash Coins (RCC) со која ќе може да се тргува и во играта, но и на секундарен пазар.
„Немаше некои значителни проблеми и препреки, освен секако, хакерски напади со кои моравме да се справуваме навремено и да ги предупредуваме инвеститорите да се придржуваат само до официјалните објави за купување RCC преку Etherum Blockchain“, вели г-ѓа Ангелевска.
Reality Clash е бесплатна игра која со помош на проширената реалност се игра на локациите од вистинскиот живот. Со помош на камерата на телефонот, играта ќе може да креира нов свет врз вистинскиот свет. Борбите во играта се лице в лице и во реално време. Играчите ќе можат да се приклучат на турнири, да организираат борби во урбани делови на градот или во паркови.
Инвеститорите ќе имаат мала предност пред останатите играчи. Сите кои ќе инвестираат во текот на инвестициската рунда ќе добијат оружје и друга опрема која понатаму нема да биде достапна.
ICO за Reality Clash завршува денес, a досега на овој начин од 29 август се инвестирани 2.6 милиони долари. Играта ќе биде достапна во втората половина на 2018 година.