Real-Time Bidding е најголемата злоупотреба на податоци

Real-Time Bidding системот кој се користи за онлајн рекламирањето е вистинска опасност за заштитата на податоците. Во просек онлајн активностите и локацијата на секој интернет корисник во Европската Унија секој ден се споделуваат 376 пати. Во САД оваа бројка е речиси двапати поголема и податоците на луѓето се споделуваат 747 пати на ден. Real-Time Bidding системот ги процесира и споделува податоците на луѓето милијарди пати дневно, вели нова анализа на Irish Council for Civil Liberties.

Real-Time Bidding следи и споделува што прават луѓето во САД 294 милијарди пати дневно и 197 милијарди пати во Европа. Овие податоци понатаму се испраќаат до компании низ целиот свет, вклучувајќи ги и Русија и Кина. За жал луѓето немаат никаков начин да ги заштитат своите податоци. Пострашно, ниту издавачите немаат начин да ограничат како овие податоци ќе се користат од компаниите кои учествуваат во процесот.

Irish Council for Civil Liberties поседува и документ во кој дел од операторите велат дека се свесни дека под Општиот закон за заштита на податоци (GDPR), оваа пракса е илегална.

Според просечниот број на испраќања на овие податоци на корисниците, во САД на врвот на листа се Колорадо (987 повици); Мичиген (913 повици); Илиноис (912 повици). Во Европа на врвот се Велика Британија, Полска и Шпанија со 462, 431 и 426 повици. Најмалку податоци во САД се испраќаат од Округот Колумбија (493). Во Европа на последното место е Романија со 149 повици во просек. Од државите од регионот Хрватска е во врвот во Европа со 407 испраќања, а следат Грција (246) и Бугарија (193).

Real-Time Bidding индустријата генерира 117 милијарди долари заработка во САД и Европа

Real-time bidding (RTB) е дел од онлајн индустријата за огласување. Се однесува на праксата на купување и продавање на огласи во живо.

Речиси секој пат кога некој корисник ќе отвори веб-страница или апликација на која има оставен простор за реклами се случува супер брза аукција за овој простор. На оваа аукција се утврдува која реклама ќе му биде прикажана на посетителот. Во процесот се споделуваат информации за корисникот и за страницата која ја посетува за учесниците во аукцијата да одредат висината на цената која ќе ја понудат во ова наддавање. Проценката е дека глобално индустријата генерира 117 милијарди долари годишно.

Дел од податоците кои се споделуваат со компаниите се страниците кои ги посетуваме, историјата на прелистување, старосна група, сексуална определба, брачна состојба, па дури и GPS локации од уреди. Овие податоци им овозможуваат на „трговците со податоци“ да креираат и да продаваат бази со релевантни лични податоци за сите луѓе на интернет.

Кои се најголемите компании во Real-Time Bidding

Најголемите компании во индустријата се Google и Microsoft, но покрај нив учествуваат и компании како PubMatic, Magnite, BidSwitch, Index Exchange, OpenX, TripleLift.

Google им предава податоци за луѓето на 4698 компании во САД и 1058 компании во Европа. Компанијата споделува податоци за активностите на луѓето и нивни „hyperlocal“-локации 42 милијарди пати дневно во Европа и 31 милијарди пати во САД.

Microsoft кој во RTB посериозно навлезе по купувањето на Xandr од АТ&T ги праќа овие податоци до 1647 компании, пишува TechCrunch.

Овие бројки во реалност се и полоши. Секоја од овие компании може понатаму да сподели податоците со други компании, и дел од нив го прават ова со стотици други компании.

Познати неколку опасни преседани

За жал најголемата опасност од податоците кои се споделуваат за време на RTA е што не може да се ограничи нивната употреба. Податоците веќе биле користени за профилирање на учесниците на „Black Lives Matter“-протестите. Одделот за домашна безбедност ги користел гео-локациските податоци за следење на осомничените без притоа да побараат судска дозвола за следење.

Пред една година католички свештеник се повлече откако телефонски податоци ги следеле неговите активности на Grindr. Овие податоци ги објавил католичкиот сајт за вести The Pillar кој дошол до локациски податоци од апликацијата.

Истрагата на Irish Council for Civil Liberties откри дека податоците кои се испраќаат можат да идентификуваат и жртви на сексуално насилство.

Истрага против Google од 2019

Ирската комисија за заштита на податоците која е одговорна за работата на Google во Европа, во 2019-та година отвори истрага против Google. Истрагата го опфаќа токму делот за обработка на личните податоци во контекст на Ad Exchange, и праќањето на овие податоци во процесот на RTB. Истрагата сè уште е во тек, и засега нема никаква одлука.  

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk