Proton прогласи победа за онлајн приватноста во Швајцарија

Минатата недела Швајцарскиот суд пресуди во полза на Proton, компанијата која е креатор на ProtonMail и ProtonVPN. Според пресудата платформите за електронска пошта не се телекомуникациски провајдери и за нив не важи законот за чување на податоци.

Законот во Швајцарија, но и во најголем дел од државите предвидува телекомуникациските провајдери да ги зачуваат податоците во случај да е потребно да ги споделат во иднина во случај на следење. Сепак оваа одлука на судот вели дека сервисите за електронска пошта не се телеком провајдери и не мораат да ги исполнуваат ова барање.

Пред неколку месеци, во април, слична одлука судот донесе и за платформите за текст разговор како WhatsApp, iMessage, Zoom, Teams, Chime или Skype. Па сега ниту провајдерите на електронска пошта, ниту сервисите за текст пораки не треба да чуваат копии од разговорите, пренесе Reuters.

„Овие две одлуки заедно, се победа за приватноста и победа за швајцарските технолошки стартапи, бидејќи се ослободуваат од тешките телекомуникациски регулативи, и предавањето на одредени информации за корисниците како одговор на швајцарските правни одредби“, вели Proton во своето соопштение.

Proton e најголемиот сервис за безбедна електронска пошта. ProtonMail користи end-to-end криптирање и различни дополнителни функционалности за заштита на приватноста. Сепак и покрај напорите за што е можно поголема приватност, компанијата мора да ги почитува законите што ја отежнува реализацијата. Судските одлуки сега ја олеснија работата на Proton, но основачот на Proton не се сомнева дека во иднина ќе има дополнителни обиди за нарушување на приватноста.

„Очекуваме понатамошни обиди да се принудат технолошките компании да ја поткопаат приватноста во Швајцарија, но и во другите држави. Остануваме посветени да продолжиме да го оспоруваме ова, и преку технологијата, и преку борба во судовите“, вели директорот на Proton, Енди Јен.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments