Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.
Повеќе од очигледен е фактот дека денес сме опкружени со илјадници производи и слики кои се обидуваат да го привлечат нашето внимание и да ја зграпчат секоја промена во нашиот поглед. Дали различно реагирате кога ќе погледнете билборд кој е жолт, наместо син?
Длабоко во нашата потсвест, боите во дизајнот ја менуваат перцепцијата за нештата кои ги гледаме, а изборот на вистинската палета на бои претставува огромен дел од нашето секојдневие и тоа не само од уметнички аспект.
Претпоставувам честопати сте слушнале дека топлите бои претставуваат синоним за енергија, додека пак студените нијанси симболизираат смиреност, нели? Овој факт не може да се признае во целост бидејќи многу е важно да направиме истражување пред да ја креираме нашата шема на бои кои би биле употребени.
Запрашајте се: Која е нашата целна публика? Со сигурност одговорот ќе влијае на нашиот избор, бидејќи концептите и значењата на боите варираат во сите култури.
Така, мистиката и тагата која ги носи црната боја во западната култура, ги брише преродбата и раѓањето означени со истата во источните земји.
Сите бои имаат извонредна способност да евоцираат специфични емоции за секоја индивидуа и да го привлечат вниманието на човековото око на свој сладок начин.
Но и покрај тоа, постојат основни правила во теоријата на боите, кои ќе ни помогнат разумно да ги балансираме сите аспекти со цел да го добиеме посакуваниот резултат при креирањето на нашата палета.
Во опсегот на топли бои зрачат црвената, портокаловата и жолтата, како и сите нивни тонови. Тоа се боите на огнот и изгрејсонцето и се исполнети со позитивна енергија и страст. Користењето на овие бои во нашите дизајни секогаш ќе предизвикува чувство на среќа, ентузијазам и енергија.
Низ историјата црвената боја е најголем предмет на контроверзни размислувања и ставови. Во минатото се поврзувала со огнот и војните, наспроти денес, кога оваа боја е знак на љубовта и страста. Нејзината најголема одлика е силината на зрачење заедно со високиот праг на интервал на бранова должина што ја прават најдоминантна и “најмоќна” боја од целиот спектар. За миг вашиот пулс забрзува кога сведочите настан на кој има црвен тепих и голема еуфорија.
Кога гледате во силното сонце или пак на златните сводови на Мекдоналдс или уште повеќе ги доживувате песните на групата “Coldplay” и стихот во една од нив, кој вели “погледнете во ѕвездите”, замислувате жолта боја. Таа е своевидна “ѕвезда” во спектарот и е најсветлата видлива боја. Поврзана со среќата, сонцето и надежта во нашите дизајни секогаш ќе ги бележи оптимизмот и свежината.
Ноќта, водата и природата се елементите кои ги асоцираат ладните бои меѓу кои се зелената, сината и виолетовата.
Сината е единствената основна боја во оваа палета, а сите други се создаваат со спојување на истата и боја од рангот на топлите бои.
Нијансите на оваа боја раскажуваат своја приказна и сите имаат своја симболика. Во дизајнот, точната нијанса на сино која ќе ја избереме ќе има огромно влијание врз тоа како се перцепираат нашите дизајни.
Тргнуваме од нејзината најсветла, која зрачи смиреност, па се до темната длабока сина која е одлична за дизајни каде што силата и сигурноста се круцијални.
За растот и новите почетоци, обновувањето и изобилството задолжена е зелената боја. Оваа боја има многу слични смирувачки атрибути со сината боја, но исто така вклучува и дел од енергијата на жолтата боја. Во дизајнот, зелената секогаш ќе има ефект на балансирање и хармонизација.
Користењето на овие бои во вашите дизајни секогаш ќе симболизираат корпоративност и се доволно моќни да создадат чувство на смиреност и професионализам.
На крај, не го исклучувајте и влијанието на така наречените неутрални бои. Во дизајнот, поради нејзината неутралност, црната најчесто се користи за типографија и останати функционални елементи. Таа секогаш полесно го пренесува чувството на софистицираност и мистерија, па затоа не плашете се да играте со нејзината моќ и елеганција.
Значењето на бојата во дизајнот не може дескриптивно да се долови, бидејќи таа е еден од столбовите врз кој е изградена теоријата за визуелните уметности, заедно со формата и просторот. Оттука, препуштете се на моќта на колор мапите, но не заборавајте: боите се невербално средство за комуникација со нашите клиенти!
[…] Прочитај повеќе тука…IT.mk […]