Од одредени аспекти, на корисниците повеќе им одговара да слушаат наместо да читаат одредени текстови, особено додека се во движење или изведуваат некоја паралелна активност. Дополнително, за оние кои работат на усовршување на јазик се препорачува да се читаат и слушаат текстови. За таа цел, Playtext поддржува читање на шест јазици: англиски, шпански, португалски, француски, италијански, и германски.

Playtext е алатка за трансформирање текст во говор и лесно може да претвори каков било текст во аудиокнига. Можете да сочувате веб страна и истата да ја преточите во говор. Или, пак, да копирате и префрлите текст од е-книга, pdf документи и слично. За време на слушањето, имате целосна контрола и со соодветни кратенки преку тастатурата.
За да се прочита текстот преку Playtext се користи напредна вештачка интелигенција, се со цел генерираниот говор да звучи веродостојно. Паралелно со ова, можете да ја прилагодувате брзината, и до четири пати побрзо од нормалната брзина. Ова знае да биде корисно доколку побрзо сакате да ги впиете податоците.

За жал, Playtext не е бесплатна екстензија за прелистувачот Chrome. Имено, во еден месец бесплатно можете да преточите само до 5 текстови. Доколку сакате да одите со неограничен број од текстови како и ран пристап до нови функции, потребно е да се претплатите на професионалната верзија, по цена од 10 долари месечно.







