Европската Унија ќе им нареди на дигиталните платформи како Netflix да вклучат повеќе европска содржина. Платформата не само што ќе мора да обезбеди 20 отсто европска содржина, туку и ќе мора да инвестира во нејзиното создавање.
„Сакаме онлајн платформите за креирање на аудиовизуелна содржина да бидат двигател во дигиталната економија“, вели Ендрус Ансип, заменик претседател задолжен за единствен дигитален пазар.
Всушност и не станува збор за некој план со кој би се казнил Netflix, туку законот треба да обезбеди подеднаков терен за домашните телевизии и за овие компании, вели New York Times. Вакви правила веќе постојат за европските телевизии, како BBC или TF1. Овие телевизии им исплаќаат по 20 отсто од годишниот приход на локалните креатори, како поддршка на локални содржини.
Доколку се донесе законот ќе биде непријатен за американските компании кои речиси имаат монопол на овие платформи. Apple, Amazon, па и Facebook, сè уште не се излезени со сопствено соопштение, но Netflix веќе има реакција. Компанијата и онака продуцира европска содржина со која се надева дека ќе ги привлече европските корисници. „Задоволни сме од определбата за поголема европска продукција, но овие мерки нема да го овозможат ова“, вели Џорис Еверс, портпарол на Netflix. Реакцијата на Netflix е најверојатно очекувана со оглед на тоа дека компанијата ќе биде најмногу погодена од оваа одлука на европските законодавци. Marseille и Suburra се две од сериите кои Netflix ги креира во Европа.
За предлогот да стане закон, треба најпрво да биде усвоен од Европскиот парламент, а потоа да биде изгласан и од државите членки.