Неодамна ви кажавме на кој начин Process Lasso се грижи за стабилна работа на вашето PC. Од одредена гледна точка, Easy Service Optimizer оперира на исто поле, но со малку поразлични хируршки инструменти.
Ако Process Lasso автоматски надгледуваше и ги контролираше одредените ненаситни сервиси, Easy Service Optimizer ви дозволува да си ги извалкате рацете и да добиете подобар увид во работата на сервисите.
Откако ќе го покренете програмот ќе видите листа од сервиси кои работат паралелно со оперативниот систем и допринесуваат до стабилна, мултифункционална работа. Секој од сервисите троши одредена количина од дозволените ресурси, а програмот ви кажува кои сервиси можат да бидат секнати, за да вашето PC располага со поголема меморија и процесорска моќ. На овој начин, таквите екстра ресурси автоматски ќе бидат рефокусирани на работите кои вам ви се највеќе потребни.
Easy Service Optimizer служи како советник и извршител, но само откако ќе му дадете зелено светло. Од понудената листа, за секој сервис добивате три опции: Safe, Tweaked, и Extreme. Во случај да не знаете што работите, наш совет е да одите со опцијата Safe затоа што, како што кажува името, ова е најбезбедната опција за правилно пренасочување на ресурсите. Исто така, важно е да се потенцира дека за одредени сервиси дури и откако ќе ја изберете опцијата Safe може да се случи оперативниот систем чудно да се однесува и да не работи онака како што имате навикнато. Во тој случај, потребно е да кликнете на Default и сè ќе се врати онака како што било. Другите две опции, Tweaked и Extreme, се препорачуваат на поискусните корисници кои знаат што работат и не се плашат од експериментирање и додатно менување на работата на сервисите.
Најновата верзија се испорачува во пренослива форма и е поддржана за работа во Windows 10, Windows 8, Windows Vista, па дури и Windows XP.