Најстариот национален дневен весник на светот, австрискиот Wiener Zeitung од овој месец повеќе нема да има печатено издание. Причината за ова е новиот австриски закон со кој печатењето на весникот ќе биде непрофитабилно. Последниот број на печатеното издание беше објавен на 30-ти јуни.
Законот кој е донесен во април оваа година повеќе не предвидува правна обврска за компаниите за печатење на јавни објави во печатените медиуми. Со ова „Wiener Zeitung“ престана да биде службен весник. Како последица на ова издавачот загуби 18 милиони евра приходи. „Wiener Zeitung“ отпушти 63 вработени, и значително го намали бројот на вработени во редакцијата, од 55 на 20, пишува Guardian.
Издавањето на онлајн изданието на весникот продолжува, а издавачите се надеваат дека ќе успеат да издадат и по едно печатено издание во месецот. Засега нема повеќе детали, но ако нема промена во плановите од 2024-та ќе треба да има барем 10 печатени изданија годишно, во зависност од финансиите.
Крај за печатените дневни весници?
Главен проблем за печатените весници е недостатокот на приходи. Финансиите сè повеќе се одливаат во останатите медиуми, а ова не се однесува само на читателите, туку и на останатиот прилив.
Телевизијата одамна нуди поинтересен начин за рекламирање од печатените медиуми, а интернет преку различни сервиси ги одзема и огласите. Друштвените мрежи сега се дополнителен извор за вести кои се натпреваруваат со весниците и телевизијата. Еден од актуелните начини за заработка останува претплатата.
Ако кабловската или сателитската телевизија, како и интернет се појавеа први, весниците како што ги знаеме веројатно немаше да постојат
– Ворен Бафет, милијардер и сопственик на „The Buffalo News“
Некогаш печатените весници денес најлесно заработуваат од претплата.

https://www.statista.com/statistics/785919/worldwide-number-of-digital-newspaper-subscribers/
Mинатата, 2022-ра година беше забележан раст на претплатата на медиумите кои се присутни единствено онлајн, а слични предвидувања има и за оваа година. Очекувањата се дека растот во 2023 ќе продолжи, иако со нешто побавно темпо.
Меѓународната асоцијација на медиуми (INMA) направи анализа на над 160 медиуми од 33 држави. Предвидувањата се дека во третото тримесчје на 2023-та година, бројот на претплати ќе биде 52% повисок од првото тримесечје во 2021-ва година. Истовремено се очекува пораст на приходите од 47%.
