Петмина криминалци од Русија и Украина се обвинети за „најголемата хакерска кражба во САД“. Против петмината е покренато обвинение за празнење на над 160 милиони кредитни и дебитни картички, јавува BBC. Владимир Диркман, Александер Калинин, Роман Котов, Димитриј Смиланетс од Русија и Микхаил Ријтиков од Украина, се обвинети за хакерски напад и заговор за измама.
Криминалците се здобиле со стотици милиони долари пробивајќи ги SQL базите на неколку компании во САД, помеѓу кои: Nasdaq, Visa, Dow Jones и JC Penney. Броевите на кредитните картички биле продавани за 15 до 50 долари, а некои биле префрлани на празни картички за да се крадат средства од банкоматите. Само три од компаниите пријавиле дека им недостасуваат 300 милиони долари. Ограбени се и повеќе европски компании помеѓу кои и францускиот Carrefour и Dexia Bank Belgium.
„Овој криминал е навистина современ. Тие кои имаат експертиза и бескрупулозност да ги пробијат нашите компјутерски мрежи се закануваат на нашата економска благосостојба, нашата приватност и на националната безбедност.“ вели обвинителот Пол Фишмен.