5 коментари 2 мин. читање

Отаде печатот: некои идеи за весниците (дури и во Македонија)

Пред (околу) две недели веста за дигиталните изданија на македонските весници одекна во јавноста (и на интернет, пример: За претплатата на Вест и дигиталните изданија на Дневник и Утрински). Се разбира, нема што многу да се каже на примерот на „Вест“. Тоа е технолошки ќор-сокак, комплетно несоодветен со интернетската инфраструктура и идеја воопшто.

Но, сѐ не е загубено.

Замислете весник што ќе продава пред сѐ електронска претплата. Да, како „Вест“, но со веб-страница што ќе изгледа современо (модерно), по сите најнови технолошки нишани (html5, permalinks, location aware, разни интеграции и сл.), апликација за мобилните уреди што ќе наликува на Google+ или Facebook, постојано освежувани содржини со дневник на промени, врски до подолгите извори во странство и многу, многу локална содржина. И замислете исто така многу локални реклами. На пример, кога ќе го отворите весникот од мобилниот уред, а сте на пат во Охрид, покрај текстот што ги читате да се појави дискретна реклама за локалниот ресторан (бидејќи мобилниот уред знае каде сте и знае колку е часот – дали е ручек време на пример). Замислете и дека дневно на sms добивате QR код (или слично) со кој во трафиката можете да земете печатено издание, бесплатно, ако баш сакате да го имате тој број засекогаш, на хартија.

Секако, ова не звучи како нешто што би можел да го направи некој печатен медиум. Попрво би рекол дека некој како Тime.mk ќе успее да ја склопи инфраструктурата на интернет и потоа ќе направи договор со некој весник за последниот чекор (локалната содржина) во имплементацијата.

Уште повеќе што идејава гледа со двете очи кон иднината (нови генерации – публика што не е носталгична кон хартија, нови технологии – мобилен интернет и уреди, постојана достапност и постојани вести), а би рекол дека денешниве наши весници повеќе мислат како да продадат копија повеќе на пензионерите (и сега како „Вест“ на дијаспората).

Да завршам со најчестата аналогија која се користи за судирот меѓу стариот бизнис и новите технологии (веројатно на Сет Годин), за тоа дека бројот на железнички компании во авионскиот превоз е нула, бидејќи железничките компании мислеле дека се во железничкиот бизнис, а не во транспортниот бизнис.

Па ако често не сме во бизнисот во кој што мислиме дека сме, тогаш треба почесто да се прашаме во кој точно бизнис сме. Ова не може да не важи и за медиумите.

Напишано од

Новица Наков e дипломиран економист и истакнат член на организацијата Слободен софтвер Македонија уште од нејзиното основање. Учествуваше во креирањето на Националната политика за слободен софтвер. За себе вели дека прави работи за да види дали може да се направат.

Коментари

5 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top