<Надополнето>Текстот е надополнет со oдговор од извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски.
Член 11 од Предлог-законот за навреда и клевета ќе претрпи измени.</надополнување>
Македонските интернет корисници денес може да забележат темен екран на неколку македонски блогови и сајтови. На темната позадина стојат зборовите „Вака ќе изгледа македонскиот интернет ако се воведе новиот Закон за одговорност на навреда и клевата“.
За контроверзниот предлог-закон (.pdf) пишувавме и претходно кога фондацијата Метаморфозис предупреди за опасностите на Членот 11 кој се однесува на „провајдери на интернет-услуги“ и кога собранието со 66 гласови „За“ го изгласа предлогот по првото читање. Денес, на 9 октомври, во Собранието ќе следи второто читање. Доколку предлогот се изгласа на сите три читања тој закон ќе биде усвоен.
Дискутабилниот Член 11 против кој се поведе оваа иницијатива од скопскиот хаклаб КИКА се однесува исклучително на одговорноста на „провајдерите на интернет-услуги“. Но, проблемот со овој член, како што беше неколку пати споменато, е што е недообјаснет кој е „провајдер на интернет-услуги“.
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:
- докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
- докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Дали тоа се однесува на интернет провајдерите? Според иницијативата за затемнување на сајтовите, според Законот може било кој што се чувствува навреден да им нареди без судски налог на интернет провајдерите да исклучат сајтови. „Провајдер на интернет-услуги“ може да значи и дека се однесува на веб сајтови, форуми, апликации, па и друштвени мрежи. Дали ако некој напише навредлив коментар на It.com.mk, дали сајтот ја сноси одговорноста или пак ќе мора да добие барање од навредениот да го тргне тој коментар? Дали тоа се однесува на Facebook како „провајдер на интерент-услуги“? Токму поради тоа што е нејасно денифинирано законот може да биде моќна алатка за цензура, велат активистите.
Провајдерите (кои обезбедуваат пристап до интернет и хостинг) се заштитени со презумпцијата за невиност, односно, како што објаснува Драган Секуловски од Здружението на новинари, Директивата на ЕУ за е-трговија 2000/31/ЕК, член 14, е на страна на интернет провајдерот.
„Нашите забелешки кои се однесуваат на член 11 од Предлог законот, се во насока на почитување на стандардите кои се предвидени соДирективата на ЕУ за е-трговија 2000/31/ЕК во членот 14, според кој провајдерите немаат одговорност за пласираните информации ако не знаеле за нелегалните активности или информации или не биле свесни за фактите или околностите од кои имаат произлезено нелегалните активности или информации.“, вели г. Секуловски.
Интересно е што еден ваков закон, склопен со експерти и одобрен од Советот на Европа кој придонесе со забелешки, прифатени и вградени во законот, како што пишува во официјалниот текст сепак останува недообјаснет кога се работи за сајбер просторот каде не секој сајт е медиум, но секој сајт е јавен и достапен за сите.
*IT.com.mk по втор пат се обиде да го добие претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, кој е наведен како автор на предлог-законот. Чекаме одговор.

Коментари
8 коментари
Коментарите се затворени.