Од Скопје до Утрехт до наградувана iOS игра: Интервју со Бојан Ендровски

Доколку на iTunes побарате интересни апликации, меѓу препораките на првата страна ќе налетате и на Fingle. Oваа наградувана игра која има над 700.000 корисници кои играат заедно да ги поврзат коцките со нивното место, е изработена од македонски програмер кој моментално живее и работи во Холандија, поточно во Утрехт. Бојан Ендровски е ко-основач на независното гејминг студио Game Oven. Заедно со неговиот холандски партнер Адриан де Јог, тие до сега издадоа две успешни игри за платформата на Apple. Наскоро ќе претстават и трета.

„Помеѓу УКИМ и Утрехт ја имав Љубљана како попатна станица. Ја сработив дипломската во склоп на едно студио во Љубљана, каде и останав да работам на игри и симулатори. Љубопитноста за сите аспекти од правењето игри ме донесе на Универзитот во Утрехт. Локалната сцена ме задржа тука.“, вели Бојан.

Кaко го основавте Game Oven? Дали почетната идеја беше да се посветите само на мобилните платформи?

Всушност редоследот беше сосема обратен. На претходен проект го запознав Адриан, другата половина од Game Oven, и соработката беше премногу плодна за да застанеме таму. Ја изработивме Fingle и ни требаше компанија за да ја донесеме на пазарот, а и да продолжиме со креирање игри. Game Oven е пред сè студио за игри, а iOS е платформа која ни овозможува да ги донесеме нашите креции во рацете на играчите.

Fingle за една година привлече над 700.000 играчи кои изиграа над 17 милиони нивоа. Успехот се крие што има поинаков концепт од другите на пазарот. За да ја играте ви е потребен партнер со кој ќе ги испреплетете прстите. Ќе ги пројдете сами првите нивоа каде треба да поврзете две или три коцки, но за сите останати ќе ви треба помош. Во моментот на App Store не може да најдете многу игри за кои ви треба партнер. И можеби тоа е тајната зад успехот на Game Oven – да се биде креативен, друштвен и меѓу првите. 

„Игри за повеќе корисници на еден уред се поле на кое има уште многу да се истражува. Touch уредите овозможуваат природен и едноставен интерфејс за игри. Очекувајте барем уште пар игри со повеќе корисници од Game Oven.“

На сајтот се споменува дека игрите работат на „Bojan’s multi-platform game engine“. За што станува збор?

„Game engine“ е веројатно силен збор, но звучи моќно. Многу подбро од: „Пар библиотеки и купче ситни алатки и скрипти кои (вообичаено) функционираат заедно”, што би била попрецизена дефиниција. Сите Game Oven игри ги изработуваме со наша технологија. Ова ни овозможува истовремено да развиваме за повеќе платформи, со екстремно различен хардвер и софтвер. Подржуваме iOS и Android, со море од резолуции, големини на дисплеј, различни графички уреди и локализација на скоро било кој јазик. Следната игра ќе ја претставиме овој месец и ќе ги користи сите можности на енџинот.

(Бојан и Адриан го слават успехот на Холандските награди за видео игри)

Дали сега целосно живееш во Холандија или имаш намера да се вратиш во Македонија?

На велосипед сум 365 дена во годината, жива харинга ми е омилена храна за ручек-пауза, и дома секогаш имам вазна со лалиња. Да, целосно живеам во Холандија. Во Македонија ми е семејството и многу незаменливи пријатели. Македонија е и полна со талетирани млади луѓе. Во секоја Game Oven игра до сега сме соработувале со поединци од Македонија. Секако можно е да се вратам на југ.

Нешто што имаш да и кажеш на македонската публика?

За оние кои сакаат да прават игри, никогаш не било полесно од сега и нема подобро време од сегашното. За оние кои сакаат игри, пробајте ја Fingle.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Дарко
Дарко
8 years ago

Секоја чест за Бојан! Одличен пример и мотив за останатите.

види ги сите огласи на kariera.it.mk