0 коментари 4 мин. читање 16 април, 2025

Nvidia ќе инвестира 500 милијарди долари за производство AI-чипови во САД

Во период во кој никој со сигурност не може да каже што ќе се случува со царините за полуспроводници следната недела, Nvidia најави голема инвестиција во САД. Најголемиот производител на графички процесори објави дека ќе инвестира 500 милијарди долари за изградба на суперкомпјутери за вештачка интелигенција во САД. Оваа одлука, беше поздравена и од Белата куќа која ja нарече „Ефектот на Трамп“. Новата фабрика ќе претставува дел од поширокиот напор за зајакнување на домашната инфраструктура за вештачка интелигенција. Производствени капацитети Nvidia ќе ги гради во Феникс, Аризона, како и во Далас и Хјустон, Тексас. Ова ќе бидат локациите на кои ќе се произведуваат напредните Blackwell чипови и суперкомпјутери во САД.

“Моторите на светската инфраструктура за вештачка интелигенција за првпат се градат во САД,” изјави основачот и извршен директор на Nvidia, Џенсен Хуанг. „Додавањето на американското производство ни помага да ја задоволиме растечката побарувачка за чипови и суперкомпјутери за вештачка интелигенција, го подобрува снабдувањето и ја зголемува нашата отпорност”.

Инвестиции за полуспроводници и вештачка интелигенција во САД

Инвестицијата на Nvidia е дел од понов тренд на преместување на производството на чипови во САД. Трендот е поттикнат од трговските тензии, но и потребата за намалување на зависноста од странски добавувачи. Слично како и Nvidia и тајванскиот гигант за производство на чипови TSMC, неодамна најави сопствена инвестиција во САД. Кон крајот на март 2025, компанијата објави дека ќе инвестира 100 милијарди долари во изградба на фабрика во САД. TSMC е најголем производител на чипови во светот. Со инвестицијата тајванскиот производител се надева дека ќе ги одоброволи американските власти. Сепак, префрлањето на дел од производните погони во САД може да има непредвидливо стратешко влијание. Тоа може да ја намали стратешката важност на Тајван и да ја ослаби неговата безбедност.

Тајванските власти се свесни за оваа дилема. Економската поврзаност со САД се смета за клучен фактор за одржување на политичките врски и обезбедување на американска поддршка. Преместувањето на производството во САД може да има непредвидени последици. Колку повеќе САД го обезбедуваат своето снабдување со чипови, толку помалку зависни стануваат од Тајван, што може да доведе до намалување на американската воена посветеност на островот, пишува The Strategist.

Производство на вафер во Лехи, Јута – Texas Instruments / Фото: Apple

TSCM ќе биде еден од партнерите на Nvidia за изградба на погоните во САД. Покрај нив во проектот се вклучени и Foxconn и Wistron. Секако најважен партнер во моментов е TSMC, тие произведуваат голем дел од чиповите на Nvidia, вклучувајќи ги и чиповите од Blackwell серијата. Целта на компанијата е производство на инфраструктура за вештачка интелигенција во САД со вредност од половина билион долари.

Изградбата на фабриките на Nvidia и TSMC не се „осамена“ вест. Во јануари претседателот Трамп најави голем инфраструктурен проект за вештачка интелигенција Project Stargate. Приватен инвестициски фонд чии дел се OpenAI, Oracle и Softbank ќе инвестира 500 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција. Покрај овие инвестиции и Apple најави сопствена инвестиција од 500 милијарди американски долари за проширување на постоечките капацитети во САД.

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top