Националната агенција за безбедност и FBI имаат пристап до серверите на девет водечки ИТ компании во САД, пренесува The Washington Post. Оваа тајна програма им овозможува на владините агенции да пристапуваат до аудио и видео четови, фотографии, мејлови и документи за следење на индивидуалци.
Името на програмата е PRISM, започната е во 2007 година, а компаниите кои учествуваат во оваа програма се едни од водечките Интернет гиганти: Microsoft, Yahoo, Google, Facebook, AOL, Skype, YouTube, Apple и PalTalk. Сето тоа може да се види од презентацијата до која има дојдено Washington Post, додека некои извори наведуваат и дека Dropbox се има приклучено на таа листа.
Apple кои во слајдовите може да се види дека се имаат приклучено во 2012 година, изјавуваат дека никогаш не слушнале за PRISM. „Ние не нудиме податоци на ниту една владина агенција со директен пристап до нашите сервери, а доколку некоја владина агенција побара кориснички податоци, тоа мора да оди преку суд“, вели портпаролот на Apple, Стив Даулинг. Google, Facebook и Yahoo, исто така, негираат дека се вклучени во таа програма. Сепак, според некои информации, програмата не ги собира податоците на американските државјани или личности кои се наоѓаат во САД.
„Таа програма неодамна беше одобрена од Конгресот после долга дискусија. Информациите кои се собираат со програмата се меѓу најважните и највердните кои ги собираме, а се користат за заштита на нашиот народ од различни непријатели.“, вели Џејмс Клапер од NI.
Интересно е тоа дека PRISM програмата чини само 20 милиони долари и е започната кога претседател бил Џорџ Буш, додека истата е обновена од Барак Обама во 2012 година.