Иако Microsoft ја привршува надградбата Windows 8.1, веќе се појавија информации за новата верзија 9471. Претпоставките се дека оваа надградба е многу блиску до финалниот изглед на Windows 8.1. Доколку не дојде до забележителни измени Windows 8.1 ќе биде посличен до Windows Phone. Ова се однесува на интерфејсот со кој би требало да се олесни навигацијата по менијата.
Една од новините која ќе дојде со надграбата, а најверојатно требаше да биде присутна уште од првиот ден на оперативниот систем, се Windows 8 туторијалите. За разлика со претходните верзии на Windows, „осмицата“ дојде со премногу новитети за просечниот корисник. Недостатокот на Start копчето и скриеноста на функционалностите во менијата направија корисниците кои прв пат се сретнаа со оперативниот систем брзо да се откажат од него, пишува Extreme Tech.
Покрај ова метро апликациите ќе доаѓаат со вградено …-копче кое ќе ги носи корисниците до „контекст менито“. Во претходната верзија ова мени корисниците го пронаѓаа со десен клик или движење нагоре. Ова, како и туторијалите, е во насока за полесно наоѓање на менијата и функционалности скриени зад новиот изглед.
Нова верзија има и апликацијата за имејл, со нов сајдбар за побрз пристап до категориите, фолдерите и омилените контакти. Покрај ова апликацијата сега доаѓа со drag and drop контрола, можност за отворање на нови прозорци и мултитаскинг.
Новата верзија на Windows доаѓа со нови апликации кои ќе се инсталираат заедно со оперативниот систем, Health & Fitness и Food & Drink апликациите се едни од нив. Поголема интеграција се забележува и кај SkyDrive кој сега е интегриран во дел од апликациите како Photoshop.
Иако новата верзија на оперативниот систем е речиси готова, корисниците нема да можат да го добијат финалниот продукт до средината на октомври кога се очекува и Windows Server 2012 R2- верзијата, јавува ZDNet.








