Новата верзија на прелистувачот на Google за десктоп, Chrome 89 доаѓа со можност за автоматско генерирање на титлови за видеа и аудио содржина. Титловите се генерираат во реално време, а може да се користи за видео, поткасти, па дури и за разговори.
За да ја користите функционалноста потребно е да ја користите Chrome 89 верзијата (ова за најголем дел од корисниците е автоматска надградба). Дел од поновите паметните телефони со Android 10 оперативен систем веќе имаат автоматско генерирање на титлови, но сега ова е достапно и за десктоп.
Активирањето е едноставно. Во горниот десен агол отворете го менито на „Chrome“ и одберете „Settings“. Отидете најдолу на страната и отворете ги напредните нагодувања (Advanced). На лева страна пронајдете го „Accessibility“. На врвот на листата може да ја пронајдете „Live Caption“ контролата која овозможува активирање на титловите. Веднаш под ова е „Caption preferences“, нагодување кое се користи за уредување на изгледот на титлот и позадината. Штом го активирате „Live Caption“ Chrome ќе преземе фајлови за препознавање на говор и може да го користите.
Ние ја тестиравме функционалноста и работи и повеќе од солидно (иако не беспрекорно) на YouTube, Vimeo, Spotify и Netflix. Дел од зборовите сепак погрешно ги препознава, иако веројатно лесно ќе го препознаете контекстот. Лоша вест е дека барем засега ова е достапно единствено за англиски јазик, но можеби во иднина ќе бидат додадени јазици, па можеби и автоматски превод.
Секако функционалноста нема да ви биде неопходна за оние сервиси кои имаат титлови, но функционира и со сервиси кои немаат титлови, на пример Vimeo или Spotify.
Што се однесува са ситуациите во кои може да ви се најде, веројатно ситуациите кога сакате потивко да гледате некоја содржина, и секако за корисници кои имаат оштетен слух.