Кинескиот производител на паметни телефони Xiaomi има нов телефон. Xiaomi Mi 11 Ultra е последната надградба на флегшипот на компанијата. Телефонот ќе биде лесно препознатлив најмногу поради минијатурниот дисплеј на задната страна кој е веднаш до камерата, но и по високата цена.
Ова веројатно немаше да биде никакво изненадување за поголем дел од производителите, да не навикнавме на одлични перформанси за пониска цена од Xiaomi. Што се однесува до хардверот Mi 11 Ultra има одлични компоненти.
Телефонот доаѓа со 6,81-инчен 120Hz Quad HD+ дисплеј; Процесорот Snapdragon 888 доаѓа од Qualcomm, а со интегрираниот 5G модем Snapdragon X60 телефонот е подготвен за 5G мрежата. Уредот има конфигурации со 8 GB RAM, 12 GB RAM и 16 GB RAM меморија, а 256GB флеш-дискот е заеднички за сите. Лоша вест е дека нема простор за проширување со мемориска картичка, па овие 256GB ќе мора да бидат доволни. Телефонот се отклучува со читач на отпечатоци кој е „скриен“ зад екранот. Интересно ова е прв телефон од Xiaomi кој доаѓа со IP68 заштита од вода и прашина.
Најголем дел од хардверот е сличен со Mi 11. Покрај надградбите кај меморијата и просторот, најголемата надградба на Ultra моделот е кај камерата. Моделот доаѓа со тројна камера до која е поставен минијатурен дисплеј. Сeтапот на камерата е: главен сензор 1/1.12-инчен, 50-мегапиксели; широкобјективен сензор 48-мегапиксели и 48-мегапиксели 5x телефото сензор.
Распоредот на сензорите и дисплејот е таков што модулот во кој се сместени е преку целата ширина на телефонот. Што се однесува до дисплејот веројатно е прашање колку е корисен, а колку е маркетинг трик. Ова не е првиот телефон со помал дисплеј на задната страна, но засега, со исклучок на користење како селфи-камера, не сме виделе некоја поинтересна употреба. Екранот е со големина од 1,1-инч и во случај на штедливо работење може да се користи и како главен екран со што се продолжува работењето на телефонот пред полнење.
Кога сме кај батеријата, Mi 11 Ultra доаѓа со силициум-кислородна анодна батерија со капацитет од 5000 mAh. Огромна предност е брзината на полнење 67W, преку кабел или безжично. Ова барем во моментов е најбрзо безжично полнење на телефон.
Со оглед на тоа каков е хардверот веројатно очекувано е цената да биде повисока. Моделот со 12/256GB во Европа ќе чини 1200 евра, јави XDA Developers.