По долго време, Nokia повторно ги освојува симпатиите на корисниците и на рецензентите на Lumia телефоните. Најновиот Lumia 925 ги доби позитивните оценки бидејќи е првиот паметен телефон на Nokia изработен со метални делови. Алуминиумската рамка не само што му дава цврстина на телефонот, туку овозможува Lumia 925 да биде полесна и потенка од своите претходници, вели PC Advisor. Сепак, во споредба со конкуренцијата, телефонот е потежок и поширок.
Lumia 925 има најдобар хардвер од 92х телефоните. Nokia го испорачува телефонот со 4,5-инчен WXGA екран со резолуција 1280х768; доаѓа со ClearBlack филтер за намалување на рефлексијата и Gorilla Glass 2 за заштита од гребење. „Графичкиот дизајн на Windows 8 изгледа навистина одлично на овој телефон.“, вели Cnet. Иако „круната“ за најдобра камера меѓу паметните телефони оди кај Nokia Lumia 1020, сепак 925-ката фотографира подобро од HTC One, iPhone 5 и Samsung Galaxy S4. Телефонот доаѓа со две камери – задна која снима видео со квалитет 1080р, а предна 1,2 MP камера со квалитет од 720р за видео разговор.
Lumia 925 доаѓа со 1,5 GHz двојадрен Krait процесор и Adreno 225 за графичка презентација. Има 1GB RAM и 16 GB слободен простор, како и 7 GB простор на SkyDrive што ги дава Microsoft. Батеријата е со капацитет 2000 mAh и може да се користи за 12,8 часа разговор, 440 часа во стендбај, 55 часа слушање музика или 6,6 часа видео репродукција.
Иако подендакво импресионирани од Nokia 925, ZDNet го посочува најголемиот недостаток на телефонот, а тоа е релативно младиот и неразвиен екосиситем во Windows Store. Вториот недостаток повторно е на страната на оперативниот систем, овојпат предолгите анимации кои прават телефоните на Windows Phone да изгледаат побавни во споредба со конкурентите. Сепак заклучокот е дека програмерите на Windows Phone имаат креирано квалитетни апликации кои можат да се споредат со AppStore и Google Play. За жал, телефонот e прескап. Дури и ако стигне во Македонија, цената би била околу 650 долари колку што чини во САД.








„Најновиот Lumia 925 ги доби позитивните оценки бидејќи е првиот паметен телефон на Nokia изработен со метални делови.Алуминиумската рамка не само што му дава цврстина на телефонот, туку овозможува Lumia 925 да биде полесна и потенка од своите претходници…“
Како тоа првиот паметен телефон изработен со метални делови!?
Еден од моите Нокии е од алуминиум (N8, не е баш глуп, паметен телефон е :) )…Да не ги споменувам и другите Нокии што се изработени со метални делови.