No Rest for the Wicked: од девелоперите на Ori and the Blind Forest

Од реномираното студио Moon Studios, креатори на визуелно впечатливите и емотивните игри како Ori and the Blind Forest и Ori and the Will of the Wisps, пристигнува No Rest for the Wicked. Овој проект претставува значаен исчекор за студиото во доменот на акционите RPG игри, со јасна амбиција не само да понуди иновативно искуство, туку и да постави нови стандарди во жанрот. Играта неодамна навлезе во раниот пристап на Steam, но дали навистина ќе успее да се истакне над сите останати игри од овој презаситен жанр?

Впечатлива приказна

Приказната на No Rest for the Wicked ве фрла во мрачната 841 година. Кралството во кое се наоѓате е во состојба на превирања по смртта на кралот Харол, а како дополнителен фактор на дестабилизација, се појавува и чумата – древна и смртоносна болест која сега се шири незапирливо, разболувајќи сè пред себе.

Вие ја преземате улогата на церим – припадник на мистичен ред на свети воини, обдарени со исклучителни моќи и посветени на искоренување на чумата. Централното место на дејството е оддалечениот и негостољубив остров Изола Сакра. Ова некогаш просперитетно подрачје сега е претворено во бојно поле, каде што ривалски бунтовнички фракции и остатоците од провинциската власт водат огорчена борба за контрола среде руинираната инфраструктура.

Во овој хаотичен амбиент, амбициозната и безмилосна црковна великодостојничка, Мадригал Селин, ја перципира чумата како инструмент за остварување на сопствените цели и докажување на својата вредност. Вовлечени во комплексна интрига на политички игри и соочени со очајот на локалното население и бруталната реалност на светот зафатен од епидемија, секоја ваша одлука носи потенцијал да ја обликува судбината на кралството. Наративот ветува зрела и мрачна приказна, продлабочувајќи се во темите на моќ, вера и човечкиот очај.

Мрачна и предизвикувачка авантура

Еден од највпечатливите аспекти на No Rest for the Wicked е неговиот борбен систем. Дистанцирајќи се од конвенционалните ARPG наслови кои често се фокусираат на брзо елиминирање на голем број непријатели, оваа игра инсистира на значително повнимателен, стратешки и прецизен пристап, пристап кој често оправдано се споредува со Soulslike жанрот. И покрај ова, No Rest for the Wicked успева да внесе свој уникатен идентитет. Секој судир се доживува како интензивен дуел, каде што тежината и брзината на различните типови оружја – секое со свои карактеристични сетови на движења – се од суштинско значење. Од вас се бара вешто користење на техниките на избегнување, парирање и блокирање, паралелно со внимателно балансирање на вашата издржливост. Дополнителна тактичка длабочина е воведена преку таканаречената фокус механиката, која се акумулира за време на борба и овозможува изведување на моќни специјални напади.

Во поглед на развивањето на вашиот лик, можете слободно да експериментирате и да креирате хибридни стилови на игра преку инвестирање на поени во основните атрибути: здравје, сила, издржливост, умешност, вера, интелигенција и фокус. Опремата игра витална улога, со можности за маѓепсување на оружјата со руни и изработка на ретки оклопи. Собирањето на ресурси како дрва, руда и билки е неопходно не само за изработка на опрема, туку и за подготовка на оброци кои го обновуваат здравјето и обезбедуваат привремени бонуси, како и за надградба на урбаните структури во градот Сакрамент. Благодарение на неодамнешното обемно ажурирање, насловено како The Breach, се воведова и нови категории на оружја како џиновски ракавици (Gauntlets) и волшебни стапчиња (Wands), со што дополнително се прошири борбената флексибилност. Исто така, истото оваа ажурирање изврши ревизија на системите за храна, глад и статусните ефекти, правејќи го искуството поедноставно за разбирање.

Преубава графика и дизајн

Moon Studios се препознатливи по нивната исклучителна уметничка дирекција, а No Rest for the Wicked само ја дополнително засилува нивната репутација. Играта се одликува со уникатен, безвременски визуелен стил кој евоцира чувство на оживеана слика, со импресивно ниво на посветеност на деталите. Секој визуелен кадар се одликува со интересна палета од бои и суптилни, но впечатливи анимации. Светот е прецизно рачно изработен, со комплексно испреплетени патеки и нагласена вертикалност во дизајнот на нивоата, што ни кажува дека студиото многу добри работи имаат научено благодарение на нивното претходно искуство со Metroidvania игрите.

Истражувањето е клучен и наградувачки елемент, откривајќи скриени богатства, тајни премини, нови локации и наративни фрагменти за жителите на островот. Константното напредување алудира на динамичен свет кој еволуира, каде протокот на времето може да иницира нови настани, предизвици, па дури и да отклучи пристап до различни трговци и можности за надградба. Неодамнешното ажурирање значително го прошири географскиот опсег на светот, речиси удвојувајќи ја неговата површина со додавање на нови региони како Lowland Meadows и Marin Woods, како и нови населби како Hunter’s Vale и Marin Village. Дополнително, воведен е и нов енд-гејм систем наречен Plague System, кој динамично ги трансформира веќе познатите зони, исполнувајќи ги со посилни, мутирани непријатели и нудејќи нови предизвици за играчите.

Градот Сакрамент функционира како централен хаб и безбедно засолниште за играчите. Во рамките на градот, играчите имаат можност да стекнат имот и да го декорираат според сопствените преференции, создавајќи персонализиран простор за одмор и реорганизација. Интеракцијата со различните трговци и жители на градот е од есенцијално значење за набавка на неопходни залихи, преземање мисии и добивање на подлабок увид во светот и неговите случувања. Играчите исто така можат активно да придонесат за обнова на Сакрамент преку инвестирање на ресурси во различни урбани проекти, што за возврат отклучува нови можности и услуги. Активности како риболов и земјоделство ќе понудат алтернативни методи за собирање ресурси, обезбедувајќи моменти на релаксација од интензивните борбени секвенци.

За играчите кои преферираат кооперативно искуство, No Rest for the Wicked планира да имплементира надграден онлајн мултиплеер режим кој поддржува до четири играчи. Овој режим ќе им овозможи на играчите да го споделат својот свет и прогрес со пријателите, заеднички соочувајќи се со предизвиците на мисиите, моќните босови и истражувањето на Изола Сакра.

Од своето иницијално лансирање, играта доби неколку значајни ажурирања. Претходно споменатото ажурирање – The Breach не само што воведе огромна количина на нова содржина (вклучувајќи продолжување на главната приказна, нови зони, непријатели, босови и типови на оружја), туку донесе и значителни подобрувања во доменот на перформансите (со имплементација на DLSS технологијата), квалитетот на корисничкото искуство (QoL) и севкупниот баланс на играта. Дополнително, воведен е и Hardcore режим со механика на перманентна смрт, наменет за играчите кои бараат врвен предизвик.

No Rest for the Wicked се позиционира како еден од поинтригантните и поамбициозните проекти во рамките на ARPG жанрот во последно време. Со својот впечатлив визуелен идентитет, длабок и предизвикувачки борбен систем, мрачен и привлечен свет, како и непоколебливата посветеност на Moon Studios кон квалитет и иновација, играта поседува огромен потенцијал да остави траен белег во индустријата. Фазата на ран пристап се покажува како клучен период за фино калибрирање на механиките. Инината на No Rest for the Wicked изгледа ветувачка, најавувајќи богато и незаборавно искуство за сите љубители на предизвикувачки и атмосферски RPG наслови.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments