Откако Google помина години во развој и стотици часови во тестирање на целосно автономно возило, Европската Комисија нареди возилото да има можност да се контролира од возач. Најголемиот проблем е што законот во Европската Унија во моментов не овозможува продажба на целосно автономни возила, а при креирањето на законот основната претпоставка беше дека нема да се појават возила како последното на Google кое доаѓа без волан и сопирачки. Поради ова законската рамка за продажба на овие возила е непостоечка. Дополнителен проблем е што, според законот од 1968 година, возачот мора постојано да има контрола врз возилото, и иако овој закон е цел на промена, новата верзија ќе содржи дел според кој возачот во секој момент ќе може да ја преземе контролата врз возилото.
Освен Google, со овој закон се погодени и дел од европските производители како BMW и Daimler AG кои работат на автономни возила веќе неколку години. Портпарол на компаниите за Wired објави дека засега комерцијална верзија на овие возила не постои, пред се поради недостатокот на правна легислатива која би дозволила овие возила слободно да се возат.
Европската Унија сепак спонзорира проекти кои ја испитуваат безбедноста на автономните возила. Пред две години Volvo објави дека успешно го завршиле тестирањето на SARTRE. Проект кој тестираше можноста од автономни каравани при што првото возило во караванот го вози професионален возач, а сите останати возила се автономни и го следат водачот. Возилата меѓусебе комуницираат преку бежична мрежа, радарски сензори, ласерски системи и камери, кои овозможуваат да ја одредат брзината и насоката на претходното возило.
„За разлика од САД, Европската Унија ја разгледува автматизацијата многу пошироко, во контекст на економски развој и мобилност и кога размислувате за тоа во овие услови тогаш овие возила добиваат смисол“, вели Брајант Волкер Смит oд Stanford Law School.
Се чини дека во моментов идејата која ја има регулаторот во Европа е да овозможи возилата да бидат автономни на долги делови од патот, кога возачите ќе можат да ги кренат рацете од воланот и да ја разгледаат околината, пораките на телефонот или да погледаат филм на таблет или лаптоп. Сепак и покрај истражувањата кои се прават во Европа, законот за автономни возила во догледно време ќе треба да биде повторно разгледан.
[youtube]CqSDWoAhvLU[/youtube]







