{mosimage}(06.04.2009)И покрај тоа што е најпознатиот видео сервис со најголем сообраќај во светот, YouTube губи пари. Кога Google во 2006 го купи видео сервисот за 1.65 милијарда долари, претпоставките беа дека ќе има компанија преку која ќе профитира. Но и по три години YouTube губи пари, а според извештајот на Credit Suisse во 2009 ќе изгуби 470 милиони долари.
Проценката на Credit Suisse е дека YouTube ќе изгуби тотално 711 милиони, 360 само од остварен сообраќај на серверите, меѓутоа ќе заработи и 240 милиони долари. Неодамна YouTube се договори со ABC Television group за да се прикажуваат кратки инсерти од популарните серии на ABC, а почна и посериозно да ги прикажува рекламите на одредени видеа.
{mosimage}
Реклами пред и после видеото, се вообичаениот начин за прикажување на рекламите на онлајн телевизиите. Тоа досега не беше практика на YouTube, но профитот е приоритет. Затоа многумина гледаат на YouTube како на новиот Hulu, видео канал достапен во САД каде можат да се најдат сите серии но чие прикажување е полно со реклами… во просек по една реклама долга по 15-30 секунди на секои 10 минути од видеото кое го гледате.
Нормално тешко дека некој ќе се рекламира на аматерски видеа, рекламите ќе се појават на популарни видеа со содржина. Ако рекламите по некое време донесат приходи, не би било чудно YouTube да се сконцентрира токму на тие видеа, со содржина, посебно со телевизиска содржина, филмови, серии…
Надополнето 07.04.09:
Само еден ден откако ја објавивме веста дека YouTube ќе претрпи загуби, имаме нова вест која покажува дека YouTube навистина размислува за нов модел на заработување. Имено YouTube е во преговори со Sony Pictures за добивање лиценца за објавување на целосни филмови на популарниот видео сајт.
Сепак ова се само шпекулации, нема официјален коментар ниту од YouTube и Google ниту пак од Sony Pictures, компанијата која ги издава „James Bond: Quantum of Solace“, „Spider-Man“, „International“… но нема ниту демант за вакви гласини.
Во 2006 кога Google го купи YouTube, истовремено и Sony Pictures го купи Crackle.com, сличен видео сервис како YouTube но со малку подобар квалитет на видеа. Според Cnet кои објавија за овој договор, Sony Pictures, гледајќи според другите договори за онлајн прикажување на филмовите, е заинтересиран да го промовира Crackle и неговиот плеер за да одржи контрола над рекламите, додека YouTube ќе профитира така што ќе покаже дека може да објавува содржина која може да прави пари од реклами или претплата.






