„Новиот Myspace е многу добро прифатен од пазарот и имаме многу охрабрувачки статистики. Но планот Myspace да го достигне својот полн потенцијал можеби најдобро ќе биде остварен со нов сопственик.“, вели News Corp. кои првин се одлучија да го редизајнираат Myspace пред да го стават на продажба.
Вистинското прашање е кој би го купил Myspace? Иако од News Corp. велат дека постојано има заинтересирани кои сакаат да инвестираат или да купат дел од Myspace, сепак ќе остане прашањето дали некој ќе може да направи толку добра работа за пак да го оживее.
Како долгогодишен корисник на Myspace, можам субјективно да зборувам за нивниот развој во последните 8 години. Се вклучив кога мрежата беше во нејзиниот полн сјај, со многу корисници, едноставен дизајн на користење, многу активни бендови. Myspace има сосема различен концепт од Facebook, во преден план не е толку голата социјална интерактивност, туку и креирањето сопствен простор на интернет, наместен по твоја желба, како и неминовниот дел Myspace Music кој е сеуште сосема активен, како во светот така и во Македонија. Myspace сеуште е многу користен од сеуште неафирмираните музичари, како и од веќе докажаните, само што единствената разлика е што сега имаат помалку публика.
Myspace во последните две години почна со големи промени во структурата, сакајќи да воведат нешто ново и да го приближат до она што на корисниците им го нуди Facebook. Неколкупати го сменија изгледот и целосно го изменија начинот на навигација на домашната страница (home page). Како што се вели, се што е премногу не е добро. За поголемиот број од корисниците кои го напуштија Myspace причината беше нефункционалниот нов изглед, а не експанзијата на Facebook.
Сепак, можеби има надеж за Myspace, ако го купи вистинската компанија која ќе го врати на вистинскиот пат. Myspace e супер место за откривање нова музика, и во тој поглед нуди повеќе од Facebook. Останува да видиме дали Myspace ќе се врати во полн сјај под новиот менаџмент, или засекогаш ќе остане во минатото.








Myspace порано го користев додека беше во самиот врв, но откако Мурдок го купи, сервисот пропадна и не верувам дека повторно може да се издигне.