Microsoft се раздели со Стивен Синофски, претседателот на одделот за Windows. Разделбата доаѓа по само неколку недели од излегувањето на Windows 8 и барем засега компанијата не излегува со соопштение за заминувањето на г. Синофски. Аналитичарите веќе предвидуваат дека потегот ќе доведе до шпекулации врзани со оперативниот систем.
Потегот на Microsoft и г.Синофски е изненеадувачки за сите, посебно ако се има во предвид дека токму тој беше гледан како наследник на Стивен Балмер. Според многумина блиски до Microsoft, се чини дека се работи за „конфликт на его“ и дека се случило караница меѓу г. Синофски и г. Балмер, но не очекувајте тоа да биде потврдено од нив.
Forbes го објави писмото кое до соработниците во Microsoft го испрати г.Синофски. во кое го објаснува своето заминување.
„Со глобалната достапност на Windows 8/RT и Surface, решив дека е време да се повлечам од моите одговорности во Microsoft. Јас сум гласноговорник за пауза помеѓу производните циклуси, како можност да се застане и да се погледне кон иднината, истото важи и за мене. Со повеќе од 23 години работа на широк спектар на производи од Microsoft, се решив да ја напуштам компанијата и да барам нови можности кои ќе се темелат на овие искуства“, вели г. Синофски во писмото.
Со соопштение до вработените излезе и Стив Балмер, во пораката тој ги истакнува и проектите на кои работел г.Синофски, пораката е и јавна благодарност до него, но и до сите кои придонесоа до Windows 8/RT, Windows Phone 8, Surface, Azure Cloud и уште многу проекти.
„Многу сум му благодарен на Стивен за работата на проектите и неговиот придонес за компанијата. Производите и услугите кои ги донесовме на пазарот во последниве месеци го означуваат почетокот на една нова ера во Microsoft. Имаме одлична основа со изданијата на Office, Windows 8, Windows Phone 8, Microsoft Surface, Microsoft Windows Server 2012 и HALO 4, имаме и одлична интегеграција на Bing, Skype и Xbox. За да продолжиме со овој успех мора да ги усогласуваме сите тимови на Microsoft, но и да имаме поинтегрирани и побрзи циклуси во развојот на продуктите кој ги нудиме.“, вели г. Балмер.
Замена за г.Сифоновски како лидер на тимот ќе биде Џули Ларсон-Грин, која работи во компанијата од 1993 година. Проектите на кои работела се од подобрување на корисничкото искуство за Internet Explorer и Office па се до менаџирање на апликациите за Windows 7 и Windows 8.
Друштвените мрежи вообичаено се забавуваат со ваквиот развој на настаните, оценувајќи го овој потег како повторно копирање на Apple, кој неодамна го загуби Скот Форстал.







