За да одговори на предизвикот од намалување на бројот на претплатници Netflix ќе воведе ново поевтино ниво на претплата. Компанијата ова го навести уште во април заедно со објавувањето на намалениот број на претплатници, но ова е првпат да има малку повеќе детали за рекламите.
Покрај потврдата за поевтина претплата, официјално дознавме и кој е партнерот за рекламите. За жал засега нема детали за висината на цената. Она што е сигурно е дека новата претплата нема да влијае на постоечките претплати и тие остануваат непроменети.
„Во април објавивме дека ќе воведеме новa претплата со пониска цена за корисниците, како проширување на нашите постоечките основен, стандарден и премиум план за претплата. Денес со задоволство можеме да објавиме дека го избравме Microsoft за наш глобален партнер за рекламна технологија и продажба“, вели Грег Питерс од Netflix.
Netflix и Microsoft ќе ја продолжат соработката која ја започнаа уште со Watch Instantly. Netflix во почетокот, пред да го замени со HTML5 go користеше Microsoft Silverlight за стрим на видео. Xbox 360 беше првата конзола на која беше достапна HD Netflix апликацијата.
Огласувачите кои сакаат да ги видат своите реклами на Netflix ќе мора да огласуваат преку Microsoft. Ова ќе биде единствено место на кое ќе биде достапно огласување на Netflix.
Поевтината претплата поддржана со реклами веројатно ќе биде достапна пред крајот на 2022 година. Засега нема податок за точната дата, но претпоставките се дека ќе се случи во четвртото тримесечје оваа година.
Netflix на крајот на април сподели информација дека во првото тримесечје на 2022 бројот на претплатници е намален за 200000. Со санкциите и исклучувањето на сервисот во Русија, загубија уште 700000 корисници. Платформата има 221,6 милиони претплатници. Предвидувањата се дека ниту последните сезони на Stranger Things и Ozark нема да донесат нови претплатници, а до крајот на годината ќе загубат уште 2 милиони корисници.
Netflix не е првата платформа која ќе овозможи финансирање преку реклами. Hulu само од САД заработува 2 милијарди долари. Предвидувањата се дека со додавањето на реклами Netflix би можел само во Канада и САД да ја зголеми својата заработка за 1 милијарда на 3 милијарди долари.