Samsung и Microsoft го продлабочуваат своето партнерство, по Samsung Galaxy S6, сега апликациите Skype, One Drive, One Note, One Note, Word, Excel, PowerPoint ќе започнат да доаѓаат и на дел од таблет компјутерите кои ги нуди јужнокорејскиот производител, јави Verge.
„Нашето партнерство со Samsung е симбол на нашите напори да ги донесеме алатките за поголема продуктивност од Microsoft на сите уреди, за корисниците да можат да бидат продуктивни кога сакаат, како сакаат и на било кој уред“, вели Пеги Џонсон од Microsoft.
Апликациите доаѓаат во засебен фолдер кој е „закотвен“ на почетниот екран на уредите. Корисниците на Samsung кои ќе се одлучат за некој од овие уреди ќе имаат можност и да ги користат Microsoft Office 365. Очекувањата се дека овие промени ќе бидат достапни до крајот на првата половина на 2015 година.
Дел од аналитичарите сметаат дека апликациите од Microsoft на уредите на Samsung доаѓаат како дел од спогодба помеѓу двете компании, деталите за спогодбата се доверливи, но од судските документи беше обелоденето дека во 2013 година Samsung исплатил милијарда долари за користење на патенти во сопственост на Microsoft.







