Мега рецензија: пронајдете пријателство, љубов или пронајдете се себеси во RPG мјузиклот Stray Gods!

Доколку играте игри или читате книги, тогаш шансите се дека сте слушнале за Дејвин Гејден – реномиран писател кој е директно заслужен за клучната приказна зад Dragon Age игрите и книгите. Со години, Дејвид внимателно го гради богатиот лор на чедото на Bioware, но овојпат се има нафатено да реализира целосно нова идеја – RPG мјузикл каде донесувате одлуки, градите пријателства, развивате љубов и се пронаоѓате себеси преку песна!

Песната на боговите!

Грејс е девојка која се наоѓа во проблематичен период и не знае што да прави со нејзиниот живот. По низа коинциденции, Грејс набргу ќе биде обвинета за убиство на божица и ќе има недела дена да ја докаже нејзината невиност. Во спротивно, останатите богови ќе и го одземат животот. Но, не е се толку црно и Грејс ќе открие дека ги има наследено моќите на убиената божица. Како наследничка на Калајопи – божицата на епската поезија – Грејс може да ја повика и искористи занесната моќ на музиката, песната и танцот. Вовлечувајќи ги сите во креативниот транс на музиката, Грејс ги прави немоќни и ги принудува да и се приклучат на песната, кажувајќи и правејќи работи што можеби не би ги направиле во спротивно.

Звучи чудно, нели? Верувајте, од чудно има уште почудно.

На почетокот на играта, мора да донесете одлука за главната двигателна сила на Грејс, дали да е шармантна, храбра, или паметна. Во моментот кога ќе одберете една од овие особини, другите две ќе бидат заклучени до крајот на играта. Низ бројните дијалози или при пеењето, ќе биде потребно да донесете одлука за тоа што ќе кажете, односно што да отпеете. Доколку избравте да сте шармантни, ќе пробате да се провлекувате во одредени ситуации така што ја користите вашата каризма, а доколку сте паметни тогаш внимателно ќе ги анализирате ситуациите и ќе можете соодветно да реагирате на одредени неправилности што ќе ги забележите. Храбра… па, храбра ве прави само дрска искрено…. нашата Грејс е подобра од тоа.

Моќта на изборот!

Донесувате одлуки што да се каже, донесувате одлуки што да се отпее, каква реакција да се предизвика и како да се носите со истата. Потоа, донесувате одлуки кого да послушате за нешто, на чија страна да застанете, со кого да останете, на кого што и како да му направите. Сево ова, сите овие одлуки мајсторски плетат уникатно искуство кое остава впечаток како да е лично ваше. По одредено време, лесно се здобивате со илузијата дека вие сте креатори не само на разговорот туку и на песната која на одредени моменти, како послушно кутренце, стои во просторот и времето и послушно чека на вашиот благослов за понатамошно развивање.

Како резултат на бројните значајни одлуки, се појавуваат илјадници можни комбинации. Да, почетокот на приказната е таа и смртта на Калајопи не може да се смени, но што ќе направите за таа една недела е целосно оставено на вас. Во каква нова божица ќе ја издигнете Грејс? Бирајте внимателно бидејќи одредени зборови, одредени ноти имаат драстични последици. И, пред да прашате, да, ќе можете да стапувате во најразлични романтични врски. Не кажуваме ништо повеќе од ова. :)

Авантура, љубов. И песна!

Низ поголемиот дел од играта, Stray Gods: The Roleplaying Musical е, па како мјузикл! Повремено донесувате одлука за тоа што да се каже или каде да се оди, со кого да се разговара, но, во поголемиот дел од времето уживате и го следите тоа што се одмотува пред вас! Се работи за прекрасна визуелна анимација, со суптилни премини од еден во друг цртеж, каде само одредени делови од цртежот се во движење. Ова бара одредено навикнување, особено доколку сте нови на ваквата техника, но набргу целото искуство ви станува како втора природа и приказната зазема флуидна и стабилна основа.

Причината поради која можете до тој степен да се соживите со она што ви се прикажува е поради огромниот талент на актерите и макотрпната посвета на орхестарот. Имено, голем број од точките се компонирани од композиторот Остин Винтори (номиниран за греми). Паралелно со него, ќе имате прилика да ги чуете талентите на музичарите Скот Едгар, Стивен Хејтс и Сајмон Хол, а доколку следите Евровизија, ќе бидете пријатно изненадени и од гостувањето на австралијанката Монтејн! Глумата е исклучително добра и актерите се имаат надминато себеси во преточување силни, сирови емоции кои градат еден веродостоен свет, што кажува многу, особено кога ќе земете во предвид дека приказната се одмотува низ серија од статични цртежи со минимални анимации.

Несовршеноста на боговите

Доколку и понатаму сте со нас, тогаш повеќе од јасно ви е дека сме апсолутно одушевени од играта на Summerfall Studios. Иако никогаш не сме сакале мјузикли, Stray Gods: The Roleplaying Musical направи од нас да сакаме мјузикли! Но, мали технички пропусти нè спречија целосно да уживаме во играта.

При одвивање на одреден дијалог или песна, еден ист цртеж се користи за движење на наративот. Па така, ќе видиме цртеж што прикажува три лица, па ќе се зумира лицето на едниот лик, па ќе се прикаже половина од цртежот, па ќе се прикаже зумиран другиот лик, па ќе се прикаже целиот цртеж, па ќе се зумира третиот лик. Нема ништо лошо во ваквата техника, студиото одлично ги има вклопено премините, но проблемот е во зумирањето каде резолуцијата не е доволно висока и, како резултат, лицата стануваат матни. Нема да лажеме, боде очи.

За да работите станат полоши, понекогаш гласноста не е усогласена и еден момент го слушате ликот како зборува тивко, а друг момент значително погласно, што никако не е оправдано од ситуацијата во која се наоѓа. Некако ни остави впечаток како прво да се снимани едни реплики, па потоа дополнителни, па на крај сето тоа е вклопено, но не е баш земено во предвид да е усогласено во поглед на гласноста. Девелоперите се свесни за ова и работат на искоренување на ваквата гласовна недоследност преку дополнителни закрпи.

Овие две работи би можеле да им ја намалат имерзивната вредност на перфекционистите, што е навистина штета, со оглед на тоа дека Stray Gods: The Roleplaying Musical е пионир во гејмерската индустрија и поставува темели за целосно нов поджарн кај RPG игрите.

Митови и музика за изгубените богови

Како и сите игри кои се доволно храбри да експериментираат и да пробаат нешто ново, така и Stray Gods: The Roleplaying Musical тапка на непознато земјиште. Доколку и пружите шанса и ѝ пристапите без предрасуди и отворен поглед, ќе навлезете во детален и преубав свет на интрига, мистерија и шанси за длабоко пријателство и незаборавна љубов!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Summerfall Studios
  • Издава: Humble Games
  • Жанр: RPG, Мјузикл, Интерактивна фикција
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 10 август 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.5
  • Приказна: 10
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments