(Ова е гостински пост на Иван Ивановски, ко-основач на Venikom Mobile. Иван има креирано мобилни апликации за Vogue, GQ, Glamour, Wired, Dom Perignon и многу други. Работи и на проекти за обновливи избори на енергија и автоматика. )
Компанијата која ја креираше „to-do” апликацијата Orchestra пред неполни 2 месеци ја претставија и првата официјално верзија од својот имејл клиент Mailbox. Во изминативе две недели активно ја тестирам апликацијата, и можам со сигурност да кажам дека ова е најдобриот, најубавиот и најинтуитивниот имејл клиент кој некогаш го имам користено на iPhone.
Многу компании во изминатиов период се обидуваа да го подобрат искуството на милиони корисници на имејл клиентот за iPhone, но никој не успеа во тоа. Се додека не се појави Mailbox кој претстави нешто ново и поинтересно. Како што може да забележите апликацијата е склоп на испреплетени идеи преземени од Clear и Sparrow. Тимот на Orchestra успева да го трансформира вашиот инбокс во вистинска „to-do“ листа.
Користењето на апликацијата е повеќе од едноставно. Пораките кои сакате да ги архивирате или избришете ги повлекувате на десно, a оние кои сакате да бидат прочитани подоцна, ги повлекувате на лево. Дизајнот на апликацијата е ултра модерен и инспиративен со минимален број на копчиња и зголемен број на движења. Ви треба кратко време да се навикнете, а потоа не можете без нив.
Огромен впечаток ми остави прикажувањето и брзината на вчитување на пораките. Mailbox успешно се труди да го сокрие потписот на пораката, но секако со само еден клик ја имате целата содржина. Пораките се добро групирани и се прикажуваат во убави балончиња. Испраќањето на пораките е доста интересно и имате чувство дека испраќате твит. Апликацијата има неколку недостатоци кои искрено верувам ќе бидат дополнети во некоја од наредните верзии. Недостасува поддршка за останатите не-Gmail корисници. Нема можност за филтрирање на непрочитаните пораки и недостасува вграден web прелистувач.
До денес Mailbox го инсталираа повеќе од 1 милион корисници ширум светот. Првичниот успех на апликацијата беше доволен за Dropbox да потроши неколку десетици милиони на стартапот. Но, Dropbox вети дека ќе ја остават апликацијата на раат да продолжи да се развива. Доколку веке ја немате симнато апликацијата, ќе мора да почекате неколку дена додека стигнете на ред пред вашиот акаунт да биде активиран. Mailbox дозволува дневно да се приклучуваат по неколку десетици илјади корисници со цел да им обезбеди брза и непрекината услуга на веќе постоечките клиенти.
Meet Mailbox from Mailbox on Vimeo.

