Алатките како Siri, Google Now, Cortana, како и одличната направа Amazon Echo веќе покажаа дека иднината е сега, а Lucy делува како соодветна надградба која го прави наредниот чекор во технолошката еволуција.
Lucy е единствениот асистент кој ќе ви го треба за вашиот паметен дом. Преку екран осетлив на допир, камера и микрофон, можете да дознаете какво е времето, да бидете потсетени за нечиј роденден, да го активирате клима уредот, пуштите музика, исклучите светла и сѐ останато што веќе го имате видено во горе-споменатите алатки. Но, Lucy оди еден чекор понапред…
Асистентката го препознава вашето лице и во моментот кога ќе ве регистрира може да ви пренесе порака оставена само за вас, или автоматски да ги приспособи направите низ домот според вашиот вкус. Па така, климата почнува да работи да ја достигне температурата која вам ви одговара, а интензитетот на светлата или пак која било паметна направа во домот се прилагодува според вашите претходно нагласени упатсва. Во случај да вие излезете, а некој друг да влезе, Lucy започнува прилагодување на домот или одредена соба според желбите на тој член. Технологијата оди до тој степен да пружа можности и за одлична социјализација. Имено, доколку некој пријател или роднина живее на друго место, а има Lucy, можете да разговарате секој пат кога и двајцата ќе влезете во просторијата каде се наоѓа асистентката.
Lucy е дел од новиот KickStarter проект и за да успее прототипот и почне масовно да се произведува и дистрибуира, на развивачите им се потребни 100.000 евра. Во моментот кога го пишувавме текстот, развивачите го имаат изодено половина пат и им фали уште неполни 50 000 евра, со уште 29 дена до затворање на проектот. Со оглед на тоа дека асистентката доаѓа во три големини, односно 17-, 24-, или 27- инчи, и самата цена се движи од 358 до 770 евра.