0 коментари 2 мин. читање

LAUNCHub стартува нова рунда апликации за 200.000 евра инвестиција

Во Македонија е тешко да се започне стартап. Но, ако имате добра идеја не треба да одите далеку, само преку границите во Бугарија, каде ќе добиете шанса да направите нешто кул. Toa му успеа на Excubitor, играта за која Tesseract доби 30.000 евра инвестиција со кои ја направија првата македонска игра која се продава на Steam, и се надеваме ќе им успее на Showshake, платформата за менаџирање на живи свирки.

Овие два македонски стартапи беа дел од програмата на бугарскиот акселератор LAUNCHub кој дели европски пари на регионални иновативни идеи. Сега акселераторот стартува нова рунда апликации за иновативни стартапи кои можат да добијат дури до 200.000 евра инвестиција за понатамошен развој. Во оваа рунда LAUNCHub бара стартапи кои работат со биткоини, медицина, развојни алатки за девелопери, SaaS решенија, облак инфраструктура и интернет на нештата – на кратко, бараат иновативни стартапи кои се во рана фаза, но кои можат да ја „пореметат“ ИТ индустријата. Иако LAUNCHub, како и Eleven, друг бугарскис акселератор кој инвестира европски пари во регионални стартапи, е aкселератор за стартапи во рана фаза, сепак не очекуваат дека ќе им аплицирате само со идеја нацртана на салфетка, како што се они култни приказни зад успешните ИТ компании. Такво нешто е мит. Но, ќе очекуваат сериозен бизнис план, фидбек од корисниците, метрики за продуктот, и рецензии од првите клиенти.

Доколку имате иновативно решение, и мислите дека 200.000 евра ќе ви помогнат да ја реализирате вашата идеја, тогаш аплицирајте на повикот на LAUNCHub. Рокот за пријавување е 15-ти септември.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Мени
Заедница
Изглед
To top