43 коментари 3 мин. читање

Латасовиот „Фејсбук“

Интересно како Латас самоуверено пишува за нешто за кое нема поим, не користи Facebook. Од тоа што можам да прочитам во колумната не ни знае како се користи. „Се поврзуваат со интернет“ и „праат електронски муабети“ кажува многу за неговото ИТ познавање.

Ако не знае, зошто пишува? Во неговиот свет е потребно да се исмева опозицијата, но… зарем со Facebook? Ви снема идеи г. Латас?

Најироничното нешто за плукањето на друштвената мрежа е што самиот весник има Facebook копче. Jас ја најдов колумната на Facebook.

Навистина „забавното“ нешто е… оф… теоријата на заговор. Според Латас, Facebook „заедно со видеобазата јутјуб, мејл-сервисите како џимејл, јаху и хотмејл… е предмет на постојана анализа и обработка на Еф-Би-Ај и ЦИА.“

„Цела наука имаат развиено, првенствено во ЦИА, и Еф-Би-Ај, со која се поттикнуваат луѓето да се качат на овие интернет-сервиси, да разменуваат податоци, идеи и информации, а интернет-специјалците, без да мрднат од место, да дојдат до информации важни за нивната работа. Во прилог на тоа, за да нема двоумење кај пациентите дали да се вклучат, сервисите се бесплатни.“ пишува г. Латас.

„Пациенти“? Навистина? Ги навредуваш сите твои „паметни“ читатели кои читаат преку веб страна. Сигурно и cookies се дело на „Еф-Би-Ај“?

Неверојатно е што ова го вели човек кој цел живот е изложен јавно. Ако сака ЦИА или било кој да дознае за Латас, доволно е да му ги читне текстовите за да направи профил за неговите интереси, контакти и сфаќања. Но, г. Латас е попаметен од нив, нели? Тој нема Facebook профил. In ur face CIA! btw Што се случува со другите анти-американски влади? Тие не шпионираат? Или знаеме само за „Еф-Би-Ај“? Македонската влада шпионира? 1984-та конечно се случува?

Исто така имајте на ум дека авторот е новинар – професионалци кои не објавуваат теории без основа или доказ за да не манипулираат со луѓето преку моќта на јавниот медиум. Лесно е да се манипулира јавноста и луѓето што не ги знаат работите ако имаш медиум при рака. Пример, Латас работи за ЦИА и e задолжен да креира забуна во јавноста за да заташка други валкани дела. Многумина би го сфатиле ова сериозно доколку не напишав дека е само пример. Неоснован пример. Можеби.

Пред неколку недели пишавме тема за „политичките партии и Facebook“ кои се фалеа со својот Facebook успех, што беше апсурдно бидејќи тие немаат никака интеракција со фановите.

Темата им стана интересна на „мејнстрим“ медиумите и еве стигна и г. Латас да пишува за неа. Откако се испука со теории на заговор за сервис за кој нема поим (што кога ќе дознае за Twitter што е јавен сервис и 140 карактери. OMG!), колумната ја зеде вообичената насока – политичко плукање.

Доволно е малку читање да се свати дека омаловажувањето на сервисот кој е „бадијалџиска работа, ептен“ значи и омаловажување на политичките опоненти, комуњари во депресија “што од сите мерења рејтинзи, борба за гласови, поддршка за идеи и програми… им остана само фејсбук.“

Тука е манипулацијата со читателите, „не-пациентите“ на г. Латас. Тој не спомнува дека и ВМРО се фали со своите Facebook профили. Не… тој не споменува дека интеракцијата со луѓето е потребна за владеење, исто како што интеракцијата со луѓето е потребна за добро новинарство, а не бладање за работи кои не ги разбираш!

Колумната завршува евентуално со „црни чорапи“ и контра-удари кон конкурентните медиуми. Но за тоа … пшшшт! да не чуе „Еф-Би-Ај“.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

43 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top