Светот на видео игрите постојано експериментира и се труди да понуди нешто ново. La Quimera се чини дека нуди токму такво искуство, но во FPS опкружување, сместувајќи го играчот во мрачна визија за иднината на Латинска Америка. Развиена од Reburn, студио формирано од ветерани од 4A Games Ukraine – тимот зад високо ценетиот серијал Metro – оваа игра ве втурнува во годината 2064, време кога глобалниот поредок е неповратно променет. Серија катастрофални настани во претходните децении предизвикаа колапс на некогаш моќните национални држави, оставајќи зад себе фрагментирани заедници и нови, помали политички ентитети познати како микро-држави. Во овој пост-колапсиран свет, одржувањето на традиционални армии станува непрактично, со што се отвора патот за златното доба на приватните воени компании, или PMC.
Вие сте оперативец во една таква PMC компанија и сте вклучени во високоризични операции. За брзо време, станува јасно дека сте заплеткан во комплексна мрежа од лаги и измами што ги надминуваат стандардните платенички договори. La Quimera ветува дека ќе понуди комплексна приказна која ќе ве води низ интригите и опасностите на оваа дистописка иднина. Во играта, ќе можете да навлезете соло, или во ко-оп. До три играчи можат заедно да се впуштат во кампањата, што отвора можности за комплексна тимска работа, координација на тактиките и здружено користење на ресурсите и способностите.

Ќе имате пристап до арсенал на футуристичко оружје, но вашето најмоќно средство ќе биде вашиот егзоскелет. Овој оклоп не само што нуди подобрена издржливост, туку може да се прилагодува со различни делови и модули кои даваат пристап до уникатни борбени способности. Да не кажа некој Crysis? Можноста за комбинирање на различни компоненти на егзоскелетот, оружјето и способностите ви овозможува да го прилагодите вашиот лик за одреден стил на игра – било тоа да е фокусирање на брзи движења и маневрирање, тешка огнена моќ, прикриени акции или поддршка за соиграчите во кооперативен режим. Оваа длабочина во прилагодувањето сугерира значајна тактичка разновидност.

Непријателите со кои ќе се соочите ја рефлектираат фрагментираната природа на светот. Ќе се борите против ривалски човечки фракции, секоја со свои карактеристични тактики и типови на единици – од агресивни бандити, преку прецизни снајперисти, до тешко оклопени елитни војници кои бараат координиран напад. Покрај вакви, имате и роботизираните единици. Овие механички непријатели често се отпорни на стандардно оружје и поседуваат неконвенционални способности како летање, ползење по ѕидови и тавани, што ги прави непредвидливи и тешки за елиминација. Понапредните роботизирани модели ќе бараат внимателно проучување и специфични тактики за да бидат трајно онеспособени, додавајќи слој на стратешко размислување во борбите.

Во текот на вашите мисии, ќе бидете поддржани од личен борбен ВИ асистент. Овој технолошки придружник не е само водич; тој ќе ви дава клучни тактички информации во реално време за време на борбите, како што се локации на непријатели, нивни слабости или предлози за оптимални борбени пристапи. Во помирните моменти, ВИ асистентот ќе помага при навигација и истражување на пространите нивоа, кои вклучуваат впечатлив контраст меѓу футуристичките структури на метрополата и густата вегетација на џунглата.

La Quimera беше првично најавена со датум на издавање 25 април 2025 година, но неодамна таквото нешто се одложи, откако покнаа да се листаат бројни негативни работи од критичарите. Токму поради оваа причина, текстот се фокусира на она што играта би можела да биде. Во моментот кога ќе излезе, тогаш би можеле и ние да направиме покритички осврт. Од нашиот клуч за рецензија, забележавме дека играта има силен потенцијал да се профилира како потенцијално возбудлив story-driven FPS кој се издвојува со својата дистописка латиноамериканска поставка и фокусот на PMC конфликтите. Комбинацијата на самостојна и кооперативна кампања до три играчи, длабоките опции за прилагодување на егзоскелетот и способностите, разновидните непријатели и интеракцијата со борбен АИ асистент сугерираат тактички богато и повторливо искуство.

- Платформи: PC (Steam)
- Развивач: Reburn (поранешно 4A Games Ukraine)
- Издавач: Reburn
- Жанр: Story-driven FPS, Акција, Кооперативна
- Датум на издавање: Наскоро







