Во поглед на канцелариски алатки Microsoft Office и OpenOffice со години беа како две страни на една иста паричка. И двете солидни можности за извршување канцелариски должности, но едната платена, а другата бесплатна алтернатива. И потоа се појави LibreOffice, уште една бесплатна алтернатива за канцелариски алатки која успеа да ги придобие поголемиот број волонтери кои претходно работеа на OpenOffice. Не можејќи да се потпира на истата работна сила, користењето OpenOffice стана безбедносен ризик. Како најсвеж доказ за ова е безбедносната ранливост која се појави во јули и наместо навремено реагирање и соодветна исправка, тимот цел месец проповедаше да се бара спас во Microsoft Office или LibreOffice, па дури тогаш издаде хот фикс кој, патем, треба рачно да го интегрирате во работната верзија.
Сево ова поплочува црна иднина за долгогодишниот пакет од канцелариски алатки, а како последен клинец во ковчегот дојде и загрижувачката изјава на волонтерскиот потпретседател Денис Е. Хамилтон кој наодамна ги информира корисниците дека „пензионирањето… е озбилна можност“ и дека не располагаат со доволна работна сила за „да се откријат и пополнат безбедносните дупки“. Потпретседателот разработил и детален план за тоа како би функционирало згаснувањето, a како што можеби претпоставувате, поголемиот дел од корисниците се видно вознемирени од ваквиот став и сметаат дека времето требало да се искористи во планирање како да се привлечат нови волонтери, а не како етапно да се згасне нивниот сакан проект. Увид во целосното обраќање на потпретседателот имате тука.







