Twitter сега им овозможи на сите свои корисници да го верификуваат својот профил. Корисниците кои сакаат верификувани профили ќе треба да пополнат формулар во кој треба да ги внесат својата адреса и телефонски број.
Верификуваните профили на Twitter не се новост, но досега им беа достапни единствено на јавните личности и за корисниците за кои компанијата ќе одлучеше дека верификуван профил е од јавен интерес. Можност за верификувани профили имаат и компаниите и брендовите. Засега е нејасно како Twitter ќе ја потврди веродостојноста на овие податоци и дали воопшто ќе ја потврдува или едноставно автоматски ќе ги верификува профилите.
„Сакаме да го олесниме пронаоѓањето на влијателните корисници и креаторите на Twitter. Затоа овозможувањето на верификацијата беше логично решение. Се надеваме дека овој процес ќе доведе до повеќе корисници кои ќе најдат квалитетни профили за следење, а креаторите на содржина и влијателните корисници да најдат поширока публика“, вели Тина Батангар, заменик директор во Twitter.







