При крајот на зимската распродажба, Steam ја објави листата од најпродавани и најиграни игри во 2017 годинa. Слично на претходната година, најпродаваните игри се наоѓаат во неколку категории, како Platinum, Gold, Silver и Bronze. Параметрите според кои Valve се одлучиле за ваква класификација се непознати, но се претпоставува дека игрите во горните категории имаат спечалено многу повеќе нули од оние во долните.
Како и да е, она што изненадува е тоа што најпродаваните игри во 2017 година не се всушност од таа година и во Platinum листата се имаат вметнато евергрин ветераните како The Witcher 3, GTA V, Rocket League и, верувале-или-не, Counter Strike: Global Offensive. Единствени игри кои излегоа во 2017, а се на врвот се Ghost Recon Wildlands и early access дипломираните PUBG, ARK: Survival Evolved и Divinity: Original Sin 2. Со оглед на тоа дека на листата се наоѓаат и игри со најголеми заработки од микро-трансакции, покрај CS:GO, присутни се и DOTA 2 и Warframe.
Златната листа со најпродавани игри ослободува место за феноменалната акциона-RPG игра NieR:Automata, а и покажува дека Assassin’s Creed серијалот не е за фрлање со најновата Origins. Малку се изненадивме од присуството на For Honor, со оглед на тоа дека играта помина сосема просечно помеѓу критичарите и публиката. Од друга страна, разочарувачки е да се види успехот на Call of Duty®: WWII и Middle-earth™: Shadow of War™. Овие две игри имаат имплементирано едни од најбесрамнитe системи за цветање на микро трансакции и нивното одлично поминување на пазарот само ги охрабрува издавачите за уште анти-потрошувачки потези во 2018 година.
Во сребрената категорија забележителна е доминацијата на инди игрите, со што нивната моќ и влијание и понатаму останува на стабилни нозе. Таквото нешто е најочигледно од неочекуваниот хит Cuphead. Conan можеби нема добри рецензии од Steam играчите, но тоа не значи дека не се продавал добро, а Path of Exile и понатаму продолжува со непоколебливи чекори, особено откако ја исфрли една од најголемите проширувања во 2017 година. Тука некаде се и ААА хитовите какo Resident Evil 7 и Total War: WARHAMMER II. ММО играта Black Desert Online бележи константни продажби откако се овозможи преку платформата годинава, а пријатно се изненадивме и од присуството на Team Fortress 2.
Во бронзената листа се провлекуваат многу повеќе игри, од кои само би ги истакнале хитовите од 2017 година, како Hellblade: Senua’s Sacrifice, Prey, Endless Space® 2, Wolfenstein II: The New Colossus, TEKKEN 7, South Park™: The Fractured But Whole и, од некоја причина, Friday the 13th: The Game.
Што се игра од сево ова?
Во поглед на најиграните игри, претпоставуваме дека веќе знаете која ќе ја споменеме прва. PLAYERUNKNOWN’S BATTLEGROUNDS се наоѓа на листата со над 100 000 играчи кои играат во исто време, веднаш до игрите како Warframe, Rainbow Siege и H1Z1. Се чини дека во 2017 година највеќе време се трошело и на постарите игри, како Dota 2, GTA V и CS:GO.
Веднаш под нив, со над 50 000 симултани играчи се издвојуваат Divinity: Original Sin 2, Total War: WARHAMMER II и Middle-earth™: Shadow of War. Assassin’s Creed® Origins, меѓутоа, заедно со Tom Clancy’s Ghost Recon® Wildlands и FOR HONOR се наоѓа на листата со над 25 000 симултани играчи. И, за крај, со над 15 000 симултани играчи, од најновите игри се издвојуваат TEKKEN 7, Resident Evil 7, ELEX, NieR:Automata, Prey, Life is Strange: Before the Storm, Wolfenstein II: The New Colossus, South Park™: The Fractured But Whole, Cuphead и Call of Duty®: WWII.
Следејќи ги листите, забележителни се одредени девијации во поглед на односот заработка – играње. Имено, Ghost Recon® Wildlands растура во поглед на продажби, но во поглед на симултани играчи се наоѓа дури на третото место. Team Fortress 2 се наоѓа на платина листатата во поглед на заработки, но има над 50 000 симултани играчи, а во слична ситуација се наоѓа и Rocket League. Од друга страна, Payday 2 има над 100 000 симултани играчи, но во поглед на заработка се наоѓа во последната, бронзена категорија. Civilization VI, пак се наоѓа во златната категорија на заработки, но има само 25 000 симултани играчи, што кажува дека луѓето сакаат да ја имаат играта, но не и толку да ја играат. Уште поинтересно, и Call of Duty®: WWII се наоѓа во златната категорија, но, во поглед на играње, се наоѓа на дното, со само 15 000 симултани играчи. Ова отвора претпоставки дека големата заработка кај оваа игра би можела да се должи на микро-трансакции кои се извлекуваат од помала група играчи. Дополнително, и Dark Souls III и Fallout 4 се наоѓаат во златната категорија, но имаат по 25 000 симултани играчи. Дополнително, Paladins, Civilization V и Football Manager 2018 се наоѓаат во бронзената зона и алудираат на помали заработки, но се играат од над 50 000 симултани играчи. Кога ќе се земе сè во предвид, бројките се подеднакво импресивни за сите игри, независно од тоа во која категорија се наоѓаат, но некој не може, а да не биде барем малку импресиониран од нелогичниот сооднос.
Од почетната страна на деталниот извештај, можете и да проверите кои се топ нови игри по месеци, топ VR игри, и топ игри кои излегоа од раниот пристап во 2017 година.
[…] како една од најпродаваните и најиграните игри на Steam. Токму поради ова воопшто не изненадуваат одлуките на […]