Читачи на електронски книги не се никаков новитер и со децении нудат можности за едноставна и ефикасна транзиција од пишан кон дигитален формат. Kobo Elipsa се опишува како хибрид од iPad и Kindle Pro, констатација која ја потврдивме уште на првиот поглед.
Се работи за читач со екран кој не прикажува отсјаји и е со големина од 10.3 инчи. При читањето, на располагање имате ComfortLight опција со која се прилагодува светлината на начин кој не пречи при ноќното читање, а има и мрачен режим на читање, односно истакнување бел текст на црна површина. Kobo Elipsa храбро се удира во гради со Carta 1200 E Ink технологијата која побрзо ги сервира страните и има подлабок контраст.
Направата се одликува со простор за складирање од 32 GB. Би можеле да помислите дека тоа не е многу, но само доколку не земете во предвид дека тој простор е апсолутно доволен за складирање над 15 000 книги!
Можеби најдобриот дел кај Kobo Elipsa е тоа што се испорачува со стајлус со кој можете да пишувате забелешки или да цртате дијаграми, во која било книга, односно PDF документи. А, она што ќе го напишете со стајлусот, можете инстантно да го префрлите во текст. Паралелно со ова, можете да го менувате пенкалото, големината на гумата за бришење и дебелината на линиите што ги влечете. Продуктите на вашите интеракции со стајлусот можете да ги сочувате во Dropbox преку вградената алатка.
За подобра заштита, направата се испорачува во квалитетна SleepCover покривка која автоматски го исклучува читачот кога ќе го ставите под неа. SleepCover одлично функционира и како стенд за поставување на читачот на соодветен агол.
Kobo Elipsa излезе во продажба пред четири дена и има препорачана цена од 25 000 денари. Дефинитивно поскапо и никако не го препорачуваме доколку сакате само да читате книги, за таа цел има солидни читачи кои се трипати поевтини. Но, доколку сакате квалитетен и голем екран со одлични можности за вметнување ваши забелешки и цртежи, тогаш Kobo Elipsa навистина не е лош избор.