Во таен состанок кој се одржал во декември во Женева, претставници на кинеската влада, признале дека Пекинг е зад серијата хакерски напади врз критичната инфраструктура на САД. Оваа вест доаѓа во време на историски најголеми тензии меѓу двете суперсили. Признанието иако затскриено, предизвикало сериозна загриженост во Вашингтон, пишува Wall Street Journal.
Кинеската делегација ја поврзала долгогодишната инфилтрација во компјутерските мрежи на американските пристаништа, водоводни системи, аеродроми и други цели со зголемената поддршка на САД за Тајван. Оваа индиректно преземање на одговорноста, е прво од ваков вид и ги изненадило американските претставници. Претходно нивните кинески колеги ги отфрлале обвинувањата. Нападите најчесто им биле припишувани на криминални групи или ги обвинувале САД дека имаат „преактивна фантазија“.
Американските власти минатата година јавно предупредија за сајбер кампања, која беше наречена „Volt Typhoon“. Тогаш стравуваа дека Пекинг се обидува да обезбеди пристап до критична американска инфраструктура, со цел да изврши деструктивни напади во случај на конфликт. На состанокот во Женева, кинескиот претставник, Ванг Леи, индиректно, но јасно, ја поврзал хакерската активноста со американската воена поддршка за Тајван. Кина смета дека островот е нејзина територија и секое мешање е непријателски акт.
Кинеската страна и натаму директно не ја прифатила одговорноста за нападите, сепак американските претставници го толкуваат говорот на Ванг Леи како потврда на кинеската улога и предупредување до САД за последиците од евентуална интервенција во Тајванскиот теснец. Состанокот се одржал во време на зголемени тензии меѓу двете земји, кои се во трговска војна. Американската администрација раководена од Доналд Трамп, најави дека Пентагон ќе преземе офанзивни мерки против Кина во онлајн просторот.
Покрај „Volt Typhoon“, состанокот во Женева се фокусираше и на кампањата „Salt Typhoon“. Нападите овозможиле пристап до американските телекомуникациски мрежи, вклучувајќи ги и оние на АТ&Т и Verizon. Оваа инфилтрација им овозможила на кинеските хакери да ги шпионираат нешифрираните разговори и пораки на високи владини функционери и политички личности. Цели на следење тогаш биле и членовите на претседателските кампањи на кандидатите Доналд Трамп и Камала Харис.
Американските власти го оценуваат нападот на критичната инфраструктура од страна на кинеските хакери како една од најсериозните безбедносни закани за САД. Иако Стејт департментот не ги коментирал деталите од состанокот, јасно ставилe до знаење дека САД ќе преземат мерки против кинеските сајбер напади. Сметаат дела онлајн нападите се „една од најсериозните и најпостојаните закани за националната безбедност на САД“.
Експертите за онлајн безбедност сметаат дека кинеското признание иако задскриено е охрабрено од кинеските власти. Ова покажува дека Пекинг е подготвен да ја користи својата онлајн армија како средство за одвраќање во случај на конфликт околу Тајван. Безбедносните експерти веруваат дека Кина сака да им покаже на властите во Вашингтон дека се подготвени за сајбер напади и нема да се двоумат да ги употребат.