Покрај популарните сајтови кинеската цензура блокираше и околу 6.000 онлајн форуми поврзани со студенти и универзитети, велат од Центарот за Човечки права и Демократија од Хонг Конг.
„Ние нет-граѓаните сме победени од ‘комбинациски удар’. Толку многу познати веб сајтови не се достапни сега… Овој пат, ова е големо“ твита Вилијам Лонг. Иако Twitter не е достапен сепак корисниците твитаат, најверојатно преку трети клиенти и мобилни.
Иако кинеските корисници се навикнати на домашни сајтови и „кинески интернет“, сепак популарните онлајн сервиси, посебно Twitter, станаа хит меѓу младите и студентите. И токму тоа е проблемот за кинеската влада. Со блокирање на овие сервиси 20 годишницата од Тиананмен се најде во сите медиуми, но доколку никој не зборува за неа во Кина тогаш за властите во Пекинг сé е во ред.
Имено на 15 Aприл во 1989 година на Тиананмен плоштадот во Пекинг, околу 100.000 студенти и интелектуалци се собраа на плоштадот за погребот на Ху Јаобанг, политичар кој пропагирал демократија и бил против корупцијата. Изреволтирани од комунистичката влада тие започнаа демократски протести. Протестите продолжија низ универзитетите во Кина се до крајот на мај 1989 година. Евентуално кинеската влада ја повика војската и реши со сила да ги спречи протестите при што од 3 до 5 Jуни се случи масакрот на Тиананман плоштадот. Бројката на загинатите не е утврдена, се шпекулира дека војската ги палела телата за да не се најдат, но според кинеската влада е 251, додека кинескиот Црвен крст вели дека загинале 5.000 лица.
Најверојатно ја знаете познатата фотографија која го одбележа тој настан.
Надополнето 04.06.2009
Кинеските корисници со интернет протест освен блокада на популарните онлајн сервиси денеска ги најдоа блокирани и локалните друштвени мрежи како Fanfou и Xiaonei. На тие веб сајтови се најде пораката дека „сајтот се поправа“. Се уште нема официјални извештаи за притисок на властите врз сајтовите, но се зборува дека властите запретиле со сериозни последици за секој кој ќе објави материјал за Тиананмен. Поради блокадите многу од други сајтови во знак на протес самоиницијативно ги ставија сајтовите „во одржување“. Поради тоа кинеските корисници денов саркастично го нарекуваат „Кинески ден за одржување на страните“.
На кинеските сајтови стои порака дека сајтот/сервисот ќе биде достапен по 6 јуни, односно по 20 годишнината на Тиананмен масакрот. Се очекува до тогаш да се тргнат и блокадите на не-кинески сервисите.
Eве интересно видео на CNN кои додека се обидуваат да направат прилог од Тиананмен плоштадот во Пекинг, кинески агенти со чадори ги спречуваат да снимаат.