Пред речиси точно 10 години Amazon ја претстави идејата за испорака со дронови. Иако тогаш плановите изгледаа оптимистички, во следните години Amazon, но и куп други компании започнаа со тестови. Првите достави со дрон беа на насловните страници на сите медиуми кои покриваа технологија. Сепак и покрај повеќе успешни тестови, вистинска примена на дронови во доставата, засега нема.
Ветувањата на Amazon беа дека дроновите уште повеќе ќе ги забрзаат испораките, а производите за само 30 минути по порачката требаше да пристигаат во домовите на купувачите. Иако почетоците беа и поветувачки отколку што се надевавме, последниве години проектот како да застана. Дел од причините за застојот се и ризици по безбедноста. Само во период од четири месеци паднале 5 тест летала. Поради ова покрај милијардите долари потрошени на развој, проектот сè уште е далеку од реализација, јави Bloomberg.
Во мај минатата година еден од дроновите кои Amazon ги користеше за тестови остана без пропелер, по што се сруши. Еден месец подоцна, две безбедносни функционалности на друго летало откажаа. Наместо безбедно да се приземји, дронот паднал и предизвикал пожар за чие гасење реагирала и противпожарната служба. По откажувањето на навигацијата требал да се активира системот за контролирано спуштање, но системот откажал, а дронот паднал од висина од педесетина метри.
Првиот план/патент на Amazon за испорака со дронови компанијата го претстави во 2015-та година. Овој план беше многу поамбициозен од она што се тестира денес. Дроновите требаше да можат во реално време да ги следат телефоните на купувачите и да доставуваат директно на рака. Леталата ќе се поврзуваа меѓусебно и ќе можеа да креираат своевидна мрежа во која ќе бидат во постојана комуникација, но тоа уште е далеку од реалноста. Наместо ова, дроновите и натаму се во тест фаза, и тоа на изолирани локации, со предмети на испорака кои се тривијални.
Некои од проблемите беа и објективни. На пример до 2017 година условите кои требаше да се исполнат за тест летови беа ригорозни. Во 2017 година, тогашниот претседател на сад Доналд Трамп ги олесни барањата за тест летови. Наместо дозволите да ги издава исклучиво федералната комисија, промените овозможија директни договори помеѓу градовите и компаниите. Олеснувањето овозможи поедноставно тестирање дури и во вечерните часови, иако дотогаш ова беше дозволено единствено преку ден. Оваа мерка не само што го олесни тестирањето за достава, туку и за многу други сектори, на пример употреба на дронови за контрола на цевки на гасовод на далечина.