Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Веќе имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи.
Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал од повеќе текстови, насловен „Како [локална компанија] #РаботиОдДома“ ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.
Ова е праксата на најголемиот македонски хостинг провајдер и регистрар на .mk домени МКхост. МКхост постои цели 15 години на пазарот, претставувајќи „дом за веб сајт“ на секој корисник на кого му е потребно целосно онлајн решение. Со онлајн решенија креирани по светски стандарди, главниот фокус на МКхост се секогаш корисниците, заедно со постојана и брза професионална техничка поддршка. МКхост во изминативе години помогна на над 5.000 активни корисници – компании, организации и индивидуи да се појават на интернет со сопствени веб сајтови, а со тоа да го прошират својот бизнис национално и регионално.

За работата од далечина во состојба на пандемија разговаравме со Дарко Каранфилов, маркетинг аналитичар во МКхост.
Како се справувате со овие отежнати услови за работа?
Како компанија работиме целосно од дома веќе 13 месеци, започнувајќи од март 2020-та. Со оглед на тоа што и претходно имавме воведено делумно „remote“ работење, не ни беше многу тешко да ја направиме оваа трансформација. Од одлука до реализација ни беше потребен само еден викенд.
И во нормалното канцелариско работење претходно, веќе имавме имплементирано многу механизми преку кои следењето на работните процеси во МКхост беше возможно од било кое место и било кој уред.
Така што, од аспект на услови, овој тип на работење, освен недостатоци од типот на помала социјализација помеѓу тимот и циркулирање на идеи во реален простор, кои дефинитивно многу значат, исто така носи и свои предности – поголема флексибилност на вработените, подобро искористување на работното време, работење во персонализиран домашен простор, итн.

Какво е влијанието врз работата и клиентите?
Работата на МКхост доби сосема нови димензии во последнава година, но тоа воопшто не нѐ попречи во работата со клиенти. Освен состаноците кои наместо во канцеларија, сега ги одржуваме виртуелно, сите други процеси се одвиваат нормално.
Виртуелната координација на сите интерни тимови се оствари за многу брзо време, а резултатите на сите полиња се и повеќе од одлични.
Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?
Примарен извор за комуникација на сите тимови и вработени е Slack, преку кој правиме координација на сите останати алатки кои ги користиме за планирање и извршување на работните задачи – Jira, Trello, состаноци преку Google Meet…
Ги користиме сервисите на Google Workspace, а за интерна документација од помош ни се Confluence и GitLab. Исто така, имаме и повеќе интерни системи кои ги имаме развиено во текот на нашето постоење и ни се неопходни во квалитетната работа.

Кои се предизвиците при работа од дома?
Како што спомнавме и погоре, најголем предизвик е недостаток на социјализацијата, односно дружењето и размената на идеи помеѓу вработените. МКхост е компанија која се гради долги години и која има стабилен тим кој постојано расте, а во сите вакви случаи, тимот е поврзан меѓусебно, како за време на работното време, така и вон истото.
Кога се разделивме последниот пат со физичко работење во март 2020-та, си рековме дека се гледаме за неколку недели, но поминаа веќе цели 13 месеци откако влеговме во ваков „remote“ процес на работа. На секој виртуелен состанок на кој се слушаме заеднички со сите вработени, секогаш има коментари за „што побрзо да се видиме повторно заедно“.
Нешто што би сакале да додадете…
Се надеваме дека оваа ситуација ќе заврши што побрзо, и дека повторно ќе можеме да функционираме на физички начин.
Секако, тоа не значи дека „remote“ работењето треба целосно да престане, бидејќи како што видовме и овој начин на работа може да функционира одлично, а има и индивидуални предности за вработениот, особено во периоди кога треба да се завршат определен тип на задачи.
