Најверојатно и да не знаевте дека во тек се локални избори, од изгледот на вашите ѕидови на друштвените мрежи, брзо може да го заклучите ова. Секако, во Македонија и овој пат го имаме вообичаениот фолклор.
Дел од проблемите се и во начинот на кој го користиме интернетот и пребарувачите. Ако побарате: „Партија Х предавници“ или „насилни поддржувачи на Х“, ќе ги добиете токму овие резултати. Резултатите ќе се појават од куп извори и ќе го потврдат токму она што го пребарувате, ќе изгледа како навистина да има предавници и сите поддржувачи да се насилници или криминалци. Ова можби е уште поизразено ако побарате некои од актуелните вести, пример: „Доказ дека земјата е рамна“.
Местата од кои ги наоѓаме и начинот на кој ги наоѓаме податоците е еден од поголемите проблеми денес. Научниците и истражувачите ова го имаат решено уште од 17 век преку научен метод. Ова овозможува секој резултат и претпоставка да се тестира по втор пат и да бидат докажани од независни групи. Но, дури и проверувањето на една информација од различни извори за дел од корисниците е преголем проблем.
Главната причина за пристрасноста всушност е начинот на кој работи мозокот. Луѓето постојано бараат податоци кои ги потврдуваат нивните размислувања, додека истовремено ги превидуваат и игнорираат информациите со кои не се согласуваат, објаснува Investopedia.
Во последните неколку години Facebook стана многу подобар во креирање на лични балони, па пристрастноста при прифаќање на податоците е уште поизразена. Facebook бележи и помни сѐ што споделуваме, сѐ што ни се допаѓа и сѐ што читаме. Врз база на овие податоци, понатаму ни се презентираат уште исти и слични податоци.
Клучно кога информациската пристрасност е во прашање, е да бидеме свесни за неа. Сите информации, пред сѐ, оние со кои се согласуваме мора да ги земаме со резерва. Најпроблематични се емотивните содржини кои често се направени така, како би нѐ мотивирале да ги споделуваме, но не и разумно да ги разгледаме.
Бонус: Social Fixer за крај на предизборните објави
Пред неколку години, во време на парламентарните избори пишувавме зa Social Fixer. Social Fixer е алатка која овозможува да игнорирате дел од постовите на друштвената мрежа. Станува збор за екстензија за прелистувач која има широки можности за прилагодување. Потрпеливите корисници може да ги отстранат речиси сите политички постови. За бришење на политички постови од Македонија нема претходно креиран филтер, па ќе мора самите да го направите. Среќа, ова не е премногу тешко.
Најпрво инсталирајте SocialFixer за соодветниот прелистувач. Во горниот десен агол притиснете на нагодувањата на екстензијата. Одберете го полето „Filters“ и додајте нов филтер. Во полетто за содржина одберете повеќе клучни зборови разделени со „|“, пример, имиња на политички партии, скратеници и слично.
Дополнително, може да додадате и блокирање на содржини од определени извори. Извори кои вообичаено споделуваат „проблематична“ содржина. Ако баш инсистирате да немате политичка содржина ќе мора барем привремено да ги отследите (unfollow) пријателите кои споделуваат содржина и ве тагнуваат во постови.