Gmail е одлична алатка за комуникација со останатите и нема никакво сомневање во нејзиното постојано надградување. Две релативно нови функции ви дозволуваат не само да работите побрзо и поефикасно, туку и да не бидете ограничувани од потребата за константно имање интернет.
Google воведе нова функција која се вика Smart Compose, а користи вештачка интелигенција за да ви помогне да ги пишувате вашите мејлови за значително побрзо време така што ви предложува да вметнете соодветни зборови или фрази во реално време, односно во моментот додека пишувате. Со Smart Compose најнормално си пишувате и-мејл, но сите предлози ви се прикажуваат во сива боја. За да прифатите да се прилепи одреден предлог, потребно е да го притиснете копчето Tab од вашата тастатура. На овој начин, не мора да трошите енергија и да се замарате доколку се чувствувате несигурни во поглед на правилниот правопис или граматички грешки. Нормално, вештачката интелигенција е далеку од совршена, но на моменти знае да го прикаже вашето владеење со англискиот јазик за некое скалило погоре од вистинската ситуација.
Дополнително, на располагање имате и offline режим за работа во gmail. Преку овој мод, можете да пишувате мејлови, да пребарувате мејлови или да бришете без потребата за пристап кон интернет или инсталирање дополнителни екстензии. Се што правите во офлајн модот ќе биде синхронизирано во моментот кога повторно ќе се поврзете на интернетот. Имајте во предвид дека за да ги користите предностите на оваа алатка, потребно е да имате бареm Chrome 61, а и претходно да ја активирате функцијата. За активација, упатете се во Settings, па преку Offline, штиклирајте ја опцијата Enable offline mail.
За да ја користите најновата верзија на Gmail, кликнете на Settings, па на Try the new Gmail. Од тука изберете Settings, па General и штиклирајте го квадратчето за овозможување експериментален пристап.