Bitcoin ја надмина и границата од 8.000 долари. Криптовалутата последниве месеци постојано поставува нови рекорди. Иако со оригиналната замисла требаше да ги замени парите, сепак се чини дека bitcoin ќе биде крипто верзија на злато. Највисокaта цена која ја постигна е 8.285 долари.
Дигиталната валута во делови од јануари ја започна годината со цена од 800 долари, а сега вреди 10 пати повеќе. Споредбата со 31 декември e помалку импресивна, но новиот рекорд е огромен исчекор и со тогашните 998 долари. Нецели 11 месеци подоцна, со купен bitcoin во јануари сте заработиле помеѓу 7.000 и 7.200 долари.
Овој месец криптовалутата покажа и издржливост. По падот од 7.500 долари на 5.600 долари на 12 ноември, за 10 дена криптовалутата успеа да се врати и да постигне нов рекорд.
Главна причина за раст последните неколку месеци се чини дека е инвестирањето во криптовалута на хеџ фондовите. Во потрага по поголема заработка менаџерите на овие фондови инвестираат во криптовалута.
Сепак, дел од експерите се претпазливи, па дури имаат и далеку помрачни сценарија. Аналитичарот Џим Рикардс смета дека моменталната цена на криптовалутата не е толку важна:
„Bitcoin може да достигне до 8.000, 10.000, па и 20.000 долари. Не е важно, на крајот ќе заврши на 0. И неандерталците имаа свои денови“.